Трагедија во Гостивар

Детето што загина во пожар било врзано со ланец на нозете

16.03.2021 14:56

Дете почина, а 35-годишна жена во животозагрозувачка состојба пренесена во гостиварската болница, по пожарот што избувна во станбена зграда. Полицијата ги истражува причините. Според првичните сознанија на лекарскиот тим, детето за време на пожарот било врзано со ланец на нозете. Според исказот на семејството, било агресивно. Обвинителството утврдува, евентуална кривична одговорност…

Пламените јазици и чадот утринава одзедоа живот на осумгодишно дете, а неговата мајка се здоби со тешки повреди и заврши во гостиварската болница. Пожарот го проголта целиот стан, каде живеело повеќечлено семејство.

Гостиварската противпожарна единица на самото место пристигнала за пет минути по утринската пријава околу осум часот, дека гори зграда покрај кејот на реката Вардар. Интервенирале со 10 пожарникари и две возила.

Целиот стан беше зафатен. Успеавме да ги локализираме пламените јазици да не се прошират на соседните станови. При интервенцијата за жал го извадивме детето кое беше во несвесна состојба, најверојатно поради вдишување на чад, истакна еден од пожарникарите кој утринава со неговите колеги повеќе од еден час се бореа со огнената стихија.

Од полицијата и јавното обвинителство имаат извршено увид. Се работи на целосно расветлување на настанот и причините поради кои избувна пожарот.

Зоран Димовски