Ковид-19

Бројот на заразени и хоспитализирани во Охрид расте, лекарите исцрпени

18.03.2021 12:47

Охрид е една од општините каде што коронакризата најмногу се почуствува во изминатите два месеци. Британскиот сој на вирусот во комбинација со непочитувањето на мерките за заштита повторно ги исполнија болничките капацитети. Медицинскиот персонал е исцрпен а статистичките податоци покажуваат дека од почетокот на март досега просекот на заразени се искачи на 25 лица дневно, што е повеќе од сто проценти во споредба со јануари...

Бројот на заразени и хоспитализирани лица од Ковид-19 во Охрид постојано се зголемува. И додека во еден период во другите македонски градови имаше смирување на пандемијата во охридската болница бројката на хоспитализирани беше постојана и се движеше помеѓу 50 и 60 лица поради што медицинскиот персонал е скоро исцрпен. И ако во јануари просекот на заразени на дневна основа беше 12 лица, во февруари 15 од почетокот на март до 12 овој месец тој просек се искачи на 25.

„Па веќе сме при крај со сили, со сѐ. Имаме помош од другите одделенија и млади доктори специјализанти и специјалисти, така заедно со помош на другите одделенија се справуваме некако. Дежурствата се тешки, со тешки пациенти, со кислородна подршка“, изјави д-р Весна Грозданоска Петреска, специјализантка по инфектологија.

Во модуларната болница и другите одделенија на Општата болница во моментот се хоспитализирани 90 лица од кои 50 се на кислородна подршка. Сите здравствени потреби се покриваат со сопствен кадар и специјализанти од другите охридски здравствени институции, но пандемијата покажа дека има потреба од дополнителен персонал.

„Најмногу требаат сестри и лекари, меѓутоа нормално и технички персонал и тоа како во оваа пандемија. Мислам дека моментално уште 10-15 медицински сестри ни се потребни. Добро е што имавме доволем број на интернисти, имавме и тројца инфектолози“, вели д-р Горан Балев, директор на Општа болница Охрид.

Во најкритичниот период лани во болницата беа згрижени 110 заболени од коронавирусот. Во мометов има уште дваесеттина слободни кревети, а лекарите се надеваат дека рестриктивните мерки ќе дадат резултат бидеќи во спротивно покрај постојните ќе мора да се пренаменат и други оддели во болницата.

 

Сашо Нелоски