Кривичен суд

Камчев сведок во случајот „Меѓународен сојуз“

18.03.2021 15:57

Во Кривичниот суд, ново продолжение за случајот „Меѓународен сојуз“. Сведочеше бизнисменот Орце Камчев. Рече, му биле понудени два проекта, од кои еден потпишан од синот на Јанева. Камчев смета дека поради тоа што го одбил проектот, СЈО отворило истрага против него. Во случајот се обвинети петмина, меѓу кои Фросина Ременски и Бојан Јовановски...

Зоран Милевски, Катица Јанева и нејзиниот син Лазар требало да бидат опфатени со обвинението за случајот „Меѓународен сојуз“, смета бизнисменот Орце Камчев кој како сведок на обвинителството даде исказ пред судот. По негово тврдење, Милевски го запознал со Јовановски кој пак му понудил да финансира два проекти – трговски центар и старечки дом. Првиот проект го одбил. Втората понуда била потпишана од синот на Јанева, но кога по направената математика сфатил дека проектот не е рентабилен и го одбил, против него се активирал случајот „Империја“.

Камчев беше спроведен од Истражниот затвор каде е притворен поради сомнение за бегство. Побара да не сведочи, затоа што како што рече – противправно бил приведен, измалтретиран и немал кредибилитет. Одбраната вели – Камчев не бил сослушан во истрага и судот не требало да го прифати за сведок.

Со обвинение за случајот „Меѓународен сојуз“ за измама и перење пари опфатени се Бојан Јовановски и неговиот татко, Јасна Мандиќ, Кристина Блажевска и Фросина Ременски. Јовановски се товари дека преку оваа организација им зел околу милион евра на двајца бизнисмени. Со помош на уште тројца обвинети парите ги испрал, а старечките домови никогаш не се изградиле.

 

Наташа Јанчиќ Менковски