Врнежите и температурите во корист на земјоделците

23.03.2021 10:36

Последните врнежи ќе ја подобрат хидролошката состојба во земјава, а се добредојдени и за земјоделските култури кои во овој период имаат зголемена потреба од вода. Според агрометеоролозите, пониските температури од просечните нема да направат штети и ќе бидат во границата на издржливоста на цветовите кај овошните насади...

Подпросечните температури минатите денови, беа добредојдени за земјоделците, особено за овоштарите, заради успорување на развојот на вегетацијата во регионите со поголеми надморски височини.

Во текот на оваа седмица се очекуваат уште пониски дневни температури не повеќе од 12 степени, и утрински од -4 до 4 кои се во границите на издржливост на овошките во фаза на затворен цвет, какви што има во Беровскиот или Преспанскиот регион, каде вегетацијата се уште мирува.

Новите врнежи од дожд и снег се очекува да ја подобрат и хидролошката состојбата  со влагата во почвата, која е потребна заради зголемената потрошувачка на растенијата.

Опасноста од негативни минимални температури и измрзнување во наредните недели е сеуште присутна, заради новите врнежи од снег на планините кои можат сериозно да ја разладат атмосферата, но добро е што разведрувањето ќе биде постепено, а со тоа и опасноста од штети се намалува. Ваквите временски услови воопшто не им одат во прилог на пчелните семејства, па затоа пчеларите треба да вршат прихранување, заради неможноста пчелите сами да излезат и да си обезбедат  храна од веќе процветаните овошки.

 

Методија Трајков