Османи во седиштето на НАТО, земјава за прв пат на маса како полноправна членка на Алијансата

23.03.2021 11:05

Шефот на дипломатијата Османи пристигна во седиштето на НАТО каде започнува дводневниот состанок на Северноатлантскиот Совет на НАТО...

Шефот на дипломатијата Османи пристигна во седиштето на НАТО каде започнува дводневниот состанок на Северноатлантскиот Совет на НАТО на ниво на министри за надворешни работи, соопштуваат од МНР.

„Историски момент и за мене, и за Република Северна Македонија, за прв пат физички на масата на Министерскиот состанок во пресрет на нашата прва годишнина од полноправното членство во Алијансата“, изјави Османи, реафирмирајќи го членството во НАТО како стратешки успех за земјата.

„Стоиме на ниво на задачата со нашето членство во Сојузот, придонесувајќи кон стабилноста на регионот, ширејќи ги НАТО вредностите, активно придонесувајќи за надминување на современите предизвици на Алијансата“, посочи Османи при самиот старт на дводневниот Министерски совет.

Денешното учество на Османи на Министерскиот состанок на НАТО, претставува за прв пат физичко присуство на Министер за надворешни работи на Република Северна Македонија на овие состаноци како полноправна членка на Алијансата.