Македонија една година во НАТО
Денеска во касарната „Илинден“ во Скопје се одржува централна свеченост за одбележување на првата годишнина од членството на Северна Македонија во НАТО – Алијансата...

На денешен ден, пред една година Република Северна Македонија го оствари својот голем историски успех! Со чинот на депонирање на Северноатлантскиот договор во Стејт Департментот во Вашингтон, станавме 30-та полноправна земја-членка на најмоќниот военополитички сојуз на денешнината.
Патот го отпочнавме во далечната 1993 година, со одлуката на Собранието за стапување во Северноатлантската договорна организација, односно НАТО.
- Во април 1997 година го отпочнавме ПАРП процесот, додека статусот кандидат за членство во НАТО го добивме во 1999 година на Самитот на НАТО во Вашингтон.
- Во август 2002 година за прв пат со двајца мировници во мисијата ИСАФ во Авганистан, Армијата го отпочна учеството во мисиите предводени од НАТО.
- Kонечно на Самитот во Брисел во јули 2018 година официјално ни беше упатена покана за започнување на пристапните преговори за членство во НАТО.
- Неколку дена по поканата на 57-та седница на Собранието на Република Северна Македонија беше донесена Декларацијата за поддршка на пристапниот процес за членство во НАТО.
- Протоколот за пристапување во НАТО беше потпишан на 6 февруари 2019 година, а само по една недела на 13 и 14 февруари 2019 година, министерката за одбрана Радмила Шекеринска за прв пат учествуваше на состанок на Северноатлантскиот совет.
- Процесот на ратификации на пристапниот протокол во Парламентите на сите 29 сојузници беше реализиран со навистина забрзан начин, по што во февруари претседателот и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски го потпиша Указот за прогласување на Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор, а на 20 март 2020 година го потпиша и Инструментот за пристапување на Северна Македонија во НАТО.
- На 27 март 2020 година, Република Северна Македонија заедно со најмоќните!. Официјално станавме полноправна членка на најголемата воено политичка алијанса во светот – НАТО.
Денес, знамето на Република Северна Македонија се вее пред седиштето на НАТО во Брисел, во Командата на сојузничките сили за операции во Шејп – Монс и Команда на сојузничките сили за трансформации во Норфолк, Вирџинија, а Северна Македонија како полноправна членка учествува во сите процеси и активности на најмоќниот воено политички сојуз на денешнината.
Денеска ( сабота 27 март) во касарната „Илинден“ во Скопје со почеток во 11 часот, ќе се одржи централна свеченост за одбележување на првата годишнина од членството на Северна Македонија во НАТО – Алијансата.
На свеченоста ќе се обратат претседателот Стево Пендаровски. премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и командантот на Сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол, адмиралот Роберт Бурк.
Дел од свеченоста ќе бидат неколку показни вежби и активности на Армијата, вклучувајќи прелет на грчки воздухоплови во рамки на мисијата „Air Policing“, заедно со хеликоптери на македонското воено воздухопловство, точката Егзерцир на армиската Гарда, постројување и марш на ешалони од единиците кои учествувале во мисиите предводени од НАТО меѓу кои се и припадниците на Лесниот пешадиски баталјон.
