Гужва на Табановце, граѓаните се вакцинираат во Србија

27.03.2021 14:56

На граничниот премин Табановце, утринава е регистирано чекањето за излез од државата за околу 40 минути. Причината е големиот број државјани кои се упатија во соседна Србија, која викендов спроведува масовна вакцинација за странски државјани. Голем дел од граѓаните кои заминаа за вакцинација за МРТВ раскажуваат дека се вработени во Стопанската комора, која обезбеди вакцини со помош на партнерската компанија од Србија. Но имаше и такви кои сами се упатиле кон центрите. Велат дополнителни критериуми нема, но можат да се вакцинираат со АстраЗенека.

Македонските државјани кои преку официјалната страница на Институтот за јавно здравје на Србија се пријавиле за вакцинација против Ковид 19, утринава се упатија кон граничниот премин Табановце за да заминат во оваа соседна држава. Поради зголемиот интензитет, чекањето за излез од државата траеше и до 40 минути. Република Србија викендов спроведува масовна вакцинација за странски државјани.

На граничниот премин Табановце неколку часа подоцна ја нема онаа гужва забележана во утринските часови, но сепак од овде од граничниот премин потврдуваат дека денеска регистираат поголема раздвиженост. Граѓаните со кои што разговаравме потврдија дека заминуваат во соседна Србија за вакцинација.

Голем дел од граѓаните кои што заминаа на вакцинација истакнаа дека се вработени во компаниите членки на Стопанската комора. Најголемата стопанска комора во земјава обезбеди вакцинација со помош на партнерската компанија од Србија. Но имаше и државјани кои сами се упатиле кон Србија. Велат дополнителни критериуми нема, но можат да се вакцинираат само со вакцините на АстраЗенека.

„Да тргнавме, ова е преку Стопанската комора на Македонија. Во комора аплициравме вчера добивме меил, денеска во Чаир спортската сала во Ниш во 14 часот ние вработените од компанијата ќе се вакцинираме“, вели еден граѓанин.

„Преку Стопанска комора иако претходно и преку Е-управа на Србија и од таму ни стигна. Македнски државјани сме без ниту еден документ од Србија, бидејќи самата апликација дозволува и тие кои немаат ниту живеалиште да се пријават. Имавме право иако бевме известени дека само со АстраЗенека“, вели една патничка.

„Да за вакцинација во Ниш, слободно одиме, не аплициравме така е дозволено за викендот“, вели друг граѓанин.

Согласно податоците, од полноќ до 10 часот утринава од граничниот премин Табановце од државата заминале 2.139 лица. Во Македонија се уште не е почната масовната вакцинација на населението. Утре се очекува да пристигне првата количина од „АстраЗенека“ од Ковакс механизмот и со тоа од наредната недела населението ќе почне да се вакцинира. Досега се вакцинираа само дел од здравствените работници.

 

Елена Георгиевска