Почна имунизацијата на граѓаните над 77 години
Почна имунизацијата на граѓаните над 77 години. Вакцините се дистрибурирани до здравствените установи, а процесот се одвива на постојните пунктови во здравствените домови. Освен во Скопје се вакцинира и во: Прилеп, Охрид, Гостивар, Штип, Куманово, Велес, Битола, Струмица и во Кавадарци, а од Петок и во уште 24 градови...

Стартува вакцинацијата на 20.000 граѓани на возраст над 77 години во вакциналните пунктови ширум земјава. Според најавите, вакцинацијата од денеска почнува во поликлиниките „Јане Сандански“, Чаир и Букурешт во Скопје, во здравствените домови во Прилеп, Охрид, Гостивар, Штип, Куманово, Велес, Битола, Струмица, како и во болницата во Кавадарци. Од петок ќе почне вакцинацијата во Тетово, Струга, Неготино, Крива Паланка, Вевчани, Валандово, Ростуше, Гостивар, Гевгелија, Делчево, Свети Николе, Ресен, Демир Хисар, Крушево, Македонска Каменица, Кратово, Кичево, Кочани, Радовиш, Виница, Пробиштип, Дебар, Пехчево и Македонски Брод.
Националниот систем „Мој Термин“ ги отвори термините преку кои матичните лекари закажуваат вакцинација на овие гараѓани. До крајот на оваа и за следната недела, на територија на цела држава пуштени се 9.577 термини, а досега закажани речиси 6.000 термини за вакцинација на граѓани над 77- годишна возраст. Вакциналните пунктови низ државата ќе работат во две смени, ќе бидат отворени од 8 до 20 часот, од понеделник до петок. Матичниот лекар на секој граѓанин кога му закажува тремин за вакцинација должен е да му каже во колку часот треба да се вакцинира и на кој пункт во здравствената установа, каде се спроведува вакцинација против Ковид-19, соопшти Министерството за здравство.
Граѓаните ќе примат вакцина од компанијата „АстраЗенека“, чија пратка од 24.000 дози пристигна на 28-ми март на аеродромот во Скопје преку Ковакс механизмот.
Се очекува да стигнат уште 76.000 дози вакцини од „АстраЗенека“ исто така преку Ковакс механизмот кои ќе бидат предвидени за ревакцинација, како и поголеми количини вакцини и од Кина и Русија.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера најави дека земјава ќе ги следи примерите на Канада и на Германија и нема да вакцинира лица помлади од 60 години со вакцината на „АстраЗенека“.
