АХВ: Повлечен спорниот замрзнат зеленчуков микс

05.04.2021 12:17

Издадена е наредба на операторот со храна да изврши сопствена проверки на секоја серија/лот од овој производ, во сите маркети каде е пласиран овој производ, на територијата на цела држава.

Поради сомнеж за физичка контаминација (присуство на страно тело – глушец) во замрзнат зеленчуков микс „Сани фантази- Царски микс“ по потекло од Република Србија, увезен од КАМ ДООЕЛ, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издаде забрана за промет на овој производ и нареди негово повлекување од рафтовите на КАМ маркетите на цела територија на државава.

Издадена е наредба на операторот со храна да изврши сопствена проверки на секоја серија/лот од овој производ, во сите маркети каде е пласиран овој производ, на територијата на  цела држава.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николе Бабовски потенцира дека АХВ ќе изврши вонредни инспекциски надзори и ќе провери дали пласираните количини од овој производ се повлечени од малопродажната мрежа. Извршени ќе бидат и органолептички прегледи на одредени примероци, од секоја серија/лот на овој производ. Примероци за контрола на микробиолошките критериуми за безбедност на производот ќе бидат испратени за лабораториско испитување.

Агенцијата за храна и ветеринарство ги известува потрошувачите доколку купиле ваков производ, пред консумација внимателно да го отворат и прегледаат и доколку утврдат присуство на страни тела, истиот производ да го вратат на местото на купување и за тоа да ја известат АХВ.

За случајот кој беше објавен викендов на социјалните мрежи, до Агенцијата не е поднесена претставка. Како одговорна институција за безбедноста на храната, апелираме ваквите случаи место на социјалните мрежи, да се пријавуваат кај надлежните институции, соопштуваат од АХВ.