Економија

Влада: Реализирани 82% од економските мерки

08.04.2021 12:24

Економскиот тим уверува, полнењето на државната каса е според планираното, приходите се на поивисоко ниво, буџетот е во добра кондиција. Според премиерот, економијата влегува во фаза на заздравување и развој...

Реализирани се 82 проценти од економските мерки, преку нив лани економскиот пад е амортизиран за речиси двојно, тврди Владата. Економскиот тим уверува, полнењето на државната каса е според планираното, приходите се на поивисоко ниво, буџетот е во добра кондиција. Според премиерот, економијата влегува во фаза на заздравување и развој.

Проектираме раст од 4,1 отсто, со очекувања извозот да забележи раст од 14 отсто, бруто-инвестициите раст од 7,7 отсто, приватната потрошувачка реален раст од 3,5 отсто, јавната потрошувачка од 4,3 отсто, додека бројот на вработени е проектирано да порасне за 1,9 отсто, а невработеноста да се намали соодветно на тоа, рече премиерот.

Според него сите овие позитивни бројки и закрепнувачки трендови потврдуваат дека реализираме сериозни проекти, дека македонската економија е жива, стабилна и динамична и дека покрај сите предизвици, 2021 година ќе биде година на економско заздравување и на економски раст и развој.

Во првите три месеци од годинава приходите се 48 милијарди и 549 милиони денари или 22,8 проценти од вкупно планираните приходи за 2021 година  и се повисоки за 4,4 проценти од приходите во истиот период за 2020 година кога кризата со пандемијата уште не беше почната, повисоки се и даночните приходи и придонеси за 5 проценти, а наплатата од даноците е повисока за 6,2 проценти.