Истражување

Македонските граѓани остануваат силни поддржувачи на членството во ЕУ

08.04.2021 14:49

Во споредба со крајот на 2020-та, годинава е зголемен процентот на граѓани кои сметаат дека членството во ЕУ е „добра работа“, и сега изнесува 70,8 проценти. Речиси три четвртини од испитаниците сметаат дека членството во ЕУ е корисно за нас.

Македонските граѓани остануваат силни поддржувачи на членството во Европската унија – ова го покажува последното истражување на Центарот за европски стратегии – Евротинк.

Во споредба со крајот на 2020-та, годинава е зголемен процентот на граѓани кои сметаат дека членството во ЕУ е „добра работа“, и сега изнесува 70,8 проценти. Речиси три четвртини од испитаниците сметаат дека членството во ЕУ е корисно за нас. Повеќе од две третини од граѓаните би гласале „за“ на референдум за влез во ЕУ, и сметаат дека интеграцијата ќе се случи во наредните 5 години.

Истражувањето покажува дека и покрај одолговлекувањето на почетокот на преговорите, поддршката за пристапувањето останува стабилна и бележи раст, но останува и перцепцијата дека односот на Унијата кон Македонија е нефер, надмен и уценувачки – така размислуваат речиси половина од испитаниците.

Истражувањето е спроведено од агенцијата „Индаго“ од 4 до 15 февруари на репрезентативен примерок од 1.015 испитаници, со маргина на грешка од +/- 3%.