Филипче: Намалување на бројот на новодијагностицирани, мерките даваат резултати
Министерот за здравство посочи дека притисокот во болниците е сѐ уште голем со оглед на тоа што сѐ уште има голема бројка на дијагностицирани.

Се забележува тренд на намалување на бројот на новодијагностицирани случаи со Ковид-19, што потврдува дека епидемиолошката крива е во континуиран пад и тоа еден добар податок. Тоа значи дека мерките во рамките на предвидувањата ги даваат своите резултати, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Посочи дека притисокот во болниците е сѐ уште голем со оглед на тоа што сѐ уште има голема бројка на дијагностицирани.
Во сите јавно-здравствени установи согласно распоредите и прераспределбата на пациенти има слободни болнички кревети и во Скопје на Интерните клиники и во ковид – центарот во Заводот за рехаблитација во Козле, како и во другите градови. Се прави прераспределба на пациенти од другите градови ако треба. Во овој момент се преоптоварени болниците во Куманово и во Битола и тоа на дневно ниво го менаџираме, рече Филипче.
Тој потенцира дека добро се одвива вакцинацијата и заклучно со вчерашниот ден близу 30.000 граѓани се вакцинирани.
