Имунизација

20.000 вакцини на „Фајзер“ се очекуваат до крајот на април

14.04.2021 13:48

Пратка од 20.000 вакцини „Фајзер“ за десетина дена се очекува да пристигнат во земјава. Филипче најавува уште 76.000 дози од „Астра Зенека“. За кинеските и за руските вакцини, вели е во постојана комуникација со амбасадите...

Пратка од 20.000 вакцини „Фајзер“ за десетина дена се очекува да пристигнат во земјава. Ова се дел од она што здравствените власти го набавија преку директните преговори со компанијата. Кон крајот на месецов, Филипче најавува уште 76.000 дози од „Астра Зенека“. За кинеските и за руските вакцини, вели е во постојана комуникација со амбасадите. Најмногу дози се чекаат од Кина- 200.000, кога всушност ќе се интензивира процесот на имунизација.

„Во овој период којшто е пред нас ќе работиме очекувајќи ги кинеските вакцини кои ќе направат најголема промена во динамиката на спроведување на вакцинацијата. Места за масовна вакцинација во уште неколку градови по примерот на салата „Борис Трајковски“, а тоа ќе бидат градовите Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и Тетово, покривајќи соодветни региони околу овие здравствени домови кои може овој процес да го изменаџираат со кадар“, изјави министерот Филипче.

Во спортската арена „Борис Трајковски“ завршува имунизацијата на вработените во критичната инфраструктура. Тука ќе се вакцинира населението на 73 и 74 годишна возраст. Во земјава останати се уште пет илјади вакцини, околу 2.500 „Спутник“, 2.000 „Астра Зенека“ и илјада кинески вакцини кои ги добивме како донација од арапските емирати.

Повеќе од 29 илјади граѓани се вакцинирани од почетокот на процесот на имунизација во земјава. Според податоците, термин за вакцина чекаат над 155 илјади граѓани.

Иако има тренд на намалување на бројот на заболени од коронавирусот, притисокот врз болниците е сѐ уште голем. Државата ја ограничува цената на лекување во приватните болници на 5.000 евра.

„Станува збор за сума што пацинетите ја плаќаат во приватните болници, а таму заминале на своја волја да се лекуваат, како што тоа го прават сега, а плаќаат голема сума пари. Ако треба ние да ги користиме како држава ресурсите на приватните болници, тогаш за тие ресурси не наплаќаме никаков надоместок кон приватните болници, а Фондот си ја презема услугата на плаќање. Таква ситуација засега нема“, вели Филипче.

Филипче не ја исклучува можноста рестриктивните мерки и полицискиот час да продолжат и по 20-ти април, доколку тоа го налага епидемиолошката состојба.

 

Андријана Атанасовска