Македонија

Заев ја прифати оставката на Рашковски

14.04.2021 14:08

Премиерот ја прифати оставката на Драги Рашковски од фунцијата во Владата. Вистината нека се провери преку институциите- стои во писмото што го објави во јавноста. Скандали не се прикриваат со оставка, потребна е одговорност и судска разврска, реагира ВМРО- ДПМНЕ...

Со писмо до премиерот што го обелодени во јавноста, екс- генсекот на Владата, Рашковски поднесе неотповиклива оставка од сегашната функција. Во него, меѓудругото тој вели: „Кога политиката, политиканството ќе станат погласни од природните науки, тогаш работната атмосфера станува непогодна за некој кој е научен во сѐ да ја бара логиката.“

„За некој на кого во светски рамки има добиено 11 златни и 2 сребрени метали за своите иновации е деградирање на интелектуалниот капацитет, споредбите кои се прават од одредена јавност. Останува времето да покаже која е вистинската причина за тоа“, пишува во писмото Рашковски.

Премиерот Заев ја прифати оставката, потврди владиниот портпарол Арсовски. Иако нема ништо спорно во набавката на софтверот кој ќе се користи за доброто на граѓаните, додаде Арсовски.

„Владата во неколку наврати го охрабри институциите да проверат дали се прекршени било какви процедури. Владата работи по највисоки стандарди, професионални, правни и етички, и нема да дозволи нарушување на ваквите стандарди за отчетност“, рече владиниот портпарол Арсовски.

За поранешниот генсек на Владата, антикорупционерите отворија предмети за набавката на софтвер од „Инвока груп“ за контрола во сообраќајот кој, наводно, го распишал без знаење на МВР. Неговото име се споменуваше и во врска со италијанската компанија „Леонардо“ за опремата на скопскиот аеродром, а потоа во јавноста се појавија информации за непријавено скапо возило, џип од марката „Волво“ во анкетниот лист, како и за земјиште во Побожје за изградба на хациенда од 800 квадратни метри.

По оставката на Рашковски, опозицијата побара и судска разшреница.

 

Фиљана Кока