Бројот на хоспитализирани од Ковид-19 се стабилизира
Во охридската општа болница се стабилизира бројот на хоспитализирани лица од Ковид-19. Лекарите очекуваат подобрување на состојбите во наредните недели, но она што загрижува е големиот број на млади пациенти коишто имаат тешка клиничка слика. Во истовреме вакцинацијата во Охрид се одвива според планираното и барем засега нема случаи на пациенти коишто имале несакани реакции по аплицирањето на вакцината...

Иако во последните неколку дена состојбата со коронавирусот во охридската општа болница започна да се стабилизира сепак бројот на хоспитализираните е на исто ниво. Во Ковид капацитетите се згрижени околу 110 лица на возраст помеѓу 30 и 85 години, а она што е карактеристично за овој бран е големиот број млади пациенти заболени од Ковид-19 со тешка клиничка слика на коишто им е неопходна кислородна поддршка.
„Мислам дека сме на некое стабилно ниво каде што немаме поголем прилив на пациенти и мислам дека ќе почне да опаѓа бројот на хоспитализирани и ќе дојде до нормализација на состојбите. По пат на ротација целокупниот кадар од сите оддели, од хируршкиот, од анестезија,интерно, од сите оддели ротираме и со наш кадар ја покриваме работата на целата болница“, вели Д-р Горан Балевски, директор на општа болница – Охрид.
Што се однесува до антиковид вакцинацијата таа во Охрид се одвива според планираното.
Досега се вакцинирани 600 пациенти. Обично пациентите се јавуваат на термин, имаме мал број на пациенти коишто ќе одложат за наредните денови или ако докторот по прегледот одложи за неколку дена или во рок од подоцнежно време. Само тогаш пациентите се препратуваат за нареден термин“, вели Д-р Соња Мариноска, раководител на служба за превентива при здравствен дом Охрид.
Вакцини има доволно а во досегашниот тек од вакцинацијата не се забележани несакани реакции во моментот на апликацијата или периодот на опсервацијата на пациентите.
Сашо Нелоски
