Ќучук: Довербата кон Договорот за добрососедство е нарушена, процесот да се обнови
Странски историчари да помогнат на заедничката Македонско-бугарската комисија да излезе од корсокакот во кој се наоѓаат двете земји околу историските прашања- преложи европратеникот Шидер. Довербата кон Договорот за добрососедство е нарушена, процесот да се обнови, рече известувачот за земјава Ќучук...

Довербата кон Договорот за добрососедство со Бугарија е нарушена- констатира известувачот за нашата земја во Европскиот парламент, Илхан Ќучук. Според него, во моментов е најважно да се обнови процесот, иако тој смета дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за европската интеграција на регионов.
„Се надевам дека Бугарија и Северна Македонија ќе пристапат кон конструктивен дијалог, со цел да најдат одржливо решение. Да се постигне компромис за конкретни мерки, кој во блиска иднина ќе доведат до одржување на првата Меѓувладина конференција. Не ни треба националистичка реторика од двете страни. Треба да се смириме“, нагласи Ќучук.
Зелено светло од страна на Европскиот совет за почеток на преговорите е најдобриот начин да се надминат проблемите меѓу соседните држави- вели европратиникот Андреа Шидер. За него, бугарското вето е неприфатливо. Вели- да се блокираат пристапните преговори е контапродуктивно, затоа што токму преговорите се алаткта за решавање на отворените прашања. Тој предлага во разговорите за историските прашања да се вклучат надворешни експерти.
„Ако историската комисија не може да работи и да најде решение, тоа би го успорило целиот политички процес. Може да најдеме двајца или тројца истакнати европски историчари кои ќе водат вистинска историска дебата, а да не бидат обременети од внатрешната политика. Ова може да биде добра рамка за решавање на проблемите“, рече Шидер.
И двајцата европратеници се согласуваат дека на земјата ѝ се потребни длабоки реформи во областа на правосудството, борбата со организираниот криминал и корупција, слободата на медиумите, здраството. Ќучук и Шидер на барање на новинарите ја коментираа и аферата со пасошите кои завршиле во раце на криминалци – ја поздравија акцијата на МВР, а детали од истрагата ќе влезат во следниот извештај за напредокот. Тие не очекуваат санкции за земјава. За наводниот словенечки нон-пејпер, двоецот рече дека не го видел и затоа не го коментираа.
Марина Стојанова- Тонева
