Тече вакцинацијата во Домот за стари лица
Тече имунизацијата во домот за стари лица во Куманово. Интерес за вакцина против Ковид-19 досега изразиле над 80 од вкупно 130 корисници. Вакцинацијата се спроведува во домот, согласно протоколите за заштита. Коронавирусот во првиот и вториот бран не ја одмина ниту оваа установа. По компликациите од вирусот починаа 4 корисници...

Успешно се спроведува вакцинацијата во домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово. Досега 33 лица примиле вакцина против Ковид-19, а во текот на денот се очекува да бидат имунизирани уште 48 корисници. Надлежните од домот се задоволни од интересот, бидејќи од вкупно 130, за вакцинација се пријавиле 80 лица. Имунизацијата за возрасните лица во домот ја спроведува медицински персонал од Здравствениот дом.
-Пред да ги вакцинираме старите лица направивме и контакт со потписниците на договорите, со нивните блиски, тие се информираат и даваат на некој начин потврда, некој вид на согласност и тогаш пристапуваме кон процесот на вакцинација, посочи Дејан Стојановски, директор на Домот за стари лица во Куманово.
Покрај корисниците, во Скопје се вакцинира и здравствениот персонал и негувателките од домот. Штитениците, задоволни од имунизацијата, велат простор за страв нема.
-Прима, добро е сега како ќе делува не знам, но сега засега ништо не покажува, истакна 82-годишниот Добривое Гичевски, корисник во Домот за стари лица во Куманово.
Коронавирусот, во првиот и во вториот бран, не го одмина ниту домот за стари лица во Куманово. Вкупно позитивни на Ковид-19 беа 17 лица, повеќето штитеници, но и вработени. По компликации од вирусот починаа 4 корисници.
Елена Георгиевска
