Инвеститорот за локацијата спроти „Холидеј ин“ го претстави проектот
Во станбено- деловниот комплекс спроти „Холидеј ин“ ќе има три згради со 400 стана, 1.000 паркинг места и над 6.200 метри зелена површина. По низа контроверзии во јавноста, инвеститорите го презентираа проектот во строгиот центар на Скопје...

Замислата на проектот „Гранд“ е да го претвори запоставениот, руиниран простор во центарот на градот во нов, урбан, зелен и модерен комплекс - најави инвеститорот на првата парцела во деталниот урбанистички план за потегот спроти „Холидеј ин“.
Станбено- деловниот комплекс е предвидено да се реализира во три фази. Ќе има 400 станови, локали и канцеларии за 1.250 жители. Толкава бројка жители е предвидена со ГУП-от за оваа четвт, но за сите парцели.
Досега на петицијата против изградбата на високатници се потпишани повеќе од 9.000 луѓе. Проектот предизвика многу контроверзи во јавноста, бидејќи Деталниот урбанистички план за овој потег не е усогласен со генералниот, кој е повисок, немаше јавна анкета, иако станува збор за локација во самиот центар на градот.
Овој план беше ставен под мораториум од Општина Центар, која го прогласи за штетен по интересите на граѓаните. Затоа, група граѓански организации, универзитетски професори и архитекти упатија јавен повик до премиерот Зоран Заев да поддржи суспензијата на овој план, но и на другите ДУП-ови кои што не се усогласени со Генералниот урбанистички план.
Во барањето се повикуваат и Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје, но и другите надлежни институции да се произнесат и да се обврзат дека нема да издадат согласности за ДУП-ови коишто не се усогласени со ГУП.
Ана Јосифоска Тодоровска
