Неизвесно кога ќе биде закажана седницата за економските мерки
Петтиот пакет економски мерки е недоволен и е скроен без консултации со економските експерти, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Апелираат на итно изгласување на пленарка. Парламентарното мнозинство подготвено да гласа штом ќе се закаже седницата. ДУИ пак, бара гаранции од опозицијата за нивното присуство...

Сѐ уште е неизвесно кога ќе биде закажана собраниската седница за Петтиот пакет економски мерки. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со став дека помошта не е доволна. Сепак, од партијата уште еднаш го повикуваат парламентарното мнозинство на разумно, државничко, одговорно и ефикасно дејствување. Апелираат итно да се изгласаат економските закони. Иако предложиле амандмани за да се предвиди директна поддршка за компаниите и граѓаните, освен за февруари и март и за април и мај, но биле одбиени.
Парламентарно мнозинство е подготвено веднаш штом ќе се закаже пленарката да гласаат за Петтиот економски пакет. И покрај тоа што се изгубија два месеци поради блокирањето на работата на Собранието, од како што велат од СДСМ, опозицијата, веруваат дека постои добра волја да се донесат законите кои беа блокирани со илјадници амандмани.
ДУИ пак, побара гаранции од опозицијата дека ќе присуствува на седницата за да се гласа за Петтиот пакет економски мерки, зашто мнозинството има двајца пратеници кои се болни од Ковид- 19. Интегративците посочуваат на непријатните искуства што ги имале со опозицијата кога исто така се согласиле да гласаат за законите , а потоа се премислиле и го блокирале процесот.
Законите од четвртиот и петтиот пакет финансиски мерки за помош на економијата и граѓаните ги поминаа филтрите на Комисијата за финансирање и буџет и на Законодавно- правната комисија. Се чека на собранискиот спикер да ја закаже седницата за изгласување на економските закони.
Игор Панов
