Австрија бара Бугарија да ја тргне блокадата
Вицепремиерот за евроинтеграции Димитров во Виена на средба со австриската министерка за Европа Едштадлер. Македонија е целосно посветена во надминувањето на предизвиците и исполнувањето на европската агенда и нејзино конкретизирање преку одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, вели Димитров. Австрија бара Софија да ја тргне блокадата за Македонија...

Евроинтеграцијата не смее да стане заложник на билатералните спорови. Блокирањето на почетокот на пристапните преговори не е во интерес на ЕУ, на Бугарија, на Северна Македонија и на регионот, истакна вицепремиерот за европски прашања Димитров по средбата со австриската министерка за Европа, Едштадлер во Виена.
Димитров со оценка дека земјава имаше трнлив пат на интеграција во ЕУ, го смени името, ги прави потребните реформи, но идентитетските прашања не се одредуваат од страна на држави, туку се работа на самоопределување. Посака по формирањето на новата бугарска влада да почнат интензивни разговори за надминување на ветото за да се отвори пат за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ.
„Северна Македонија мора неодложно да ја добие долгоочекуваната и заслужена валидација преку одобрување на преговарачката рамка и одржување на меѓувладината конференција. Потребни се одлучни чекори за да се врати силата на европската визија во регионот. Придвижувањето на евроинтегративниот процес ќе значи зголемена доверба, влијание и предвидливост на европската перспектива согласно австриската позиција дека нема друга алтернатива за процесот на проширување со Западниот Балкан, а ќе внесе позитивна динамика и нова енергија неопходна за унапредување на имиџот на ЕУ како стратешки актер“, нагласи вицепремиерот Димитров.
Австриската министерка за Европа смета дека бугарија треба да ја крене блокадата на евроинтрегративниот пат на земјава.
„Северна Македонија е кандидат за пример и сакам јасно да порачам за време на Португалското претседателство брзо да се финализираат преговарачките рамки за првата меѓувладина конференција. Сѐ што е понатамошно одложување ќе нѐ остави да бидеме губитници. Искрено велам, дека немам разбирање за тоа што Бугарија понатаму блокира“, изјави Каролине Едштадлер, министер за Европа и Устав на Австрија.
Австрија смета дека Северна Македонија веќе е стабилен партнер на Унијата, оти активно соработува при запирање на илегалната миграција кон европските земји.
Ирина Гелевска
