Екологија

Охрид: Се очекуваат пари од Владата за да продолжи санацијата на колекторот

16.04.2021 12:25

Проектните задачи за да продолжи санацијата на колекторскиот систем од Охрид кон Струга се завршени. Направено е снимање на црните точки долж цевководот, а од јавното претпријатие „Кколекторски систем“ очекуваат работите на терен да продолжат откако Владата со првиот ребаланс на буџетот ќе издвои два милиони евра за продолжување на овој проект. Првата фаза лани овозможи повторно да профункционира заштитниот прстен околу езерото...

По санацијата на дел од цевководот и препумпните станици по неколкугодишна пауза лани профункционира колекторскиот систем. Во досегашниот тек од годинава се изработени проектните задачи за целосна санација на системот по извршеното снимање на најкритичните локации, особено кај населбите Воска и Даљан. Иако имаше обвинувања од тамошните жители дека колекторот не функционира инспекциските контроли покажаа дека причина за излевањето на отпадни и фекални води од преливите на цевководот и шахтите е навлегувањето на атмосферска вода во секундарната канализација.

„Имаме голем проблем бидеќи на времето извори на чиста вода се вметнати во цевководот на колекторскиот систем. И тоа поголема количина која што ни претставува проблем не толку во сушните периоди колку што е проблемот кога имаме дождови каде како што кажав големите количини атмосферска вода ги прават проблемите со цевководот“, изјави Владимир Алексијоски, директор на ЈП „Колекторски систем“.

За целосно реализирање на проектните задачи предвидени за годинава се потребни 2 милиони евра кои што од јавното претпријатие очекуваат да ги добијат со првиот ребаланс на буџетот.

„Планираме и веќе работиме на тоа да продолжиме со санацијата која што ја започнавме минатата година. Планираме да воспоставиме фреквентна регулација на препумпните станици и планираме во соработка со општина Струга да извршиме приклучување на териториите од приградските населби“, додава Алексијоски.

За нормално функционирање на колекторот одговорност имаат и граѓаните бидеќи на некои од црните точки во Охрид дел од жителите врз шахтите истураат шут и други видови отпад кој навлегува во цевководот. Ваквите навики мора да станат минато бидеќи во спротивно и она што е санирано за кус период повторно ќе биде нефункционално.

 

Сашо Нелоски