Образование

Дигиталните учебници ќе се воведат сукцесивно

20.04.2021 15:28

Ќе има комбиниран модел на употреба на учебници. Дигиталните ќе се воведат сукцесивно, наредната година за четврто одделение, најави министерката Царовска. Вели, сите други одделенија ќе продолжат како досега со печатените изданија...

Дигитализацијата ќе обезбеди лесна достапност на материјалите за учење, кои стануваат интерактивни и збогатени со мултимедијални содржини- вели министерката за образование Царовска. Според неа, можноста за користење повеќе од еден учебник по секој предмет, ќе ги насочи учениците кон истражување и анализа пред да донесат заклучоци и да меморираат знаења. За учебници ќе се поставуваат филтри кои треба да го гарантираат квалитетот на содржинита.

Од Првата детска амбасада Меѓаши велат дека дека Министерството пребрзо оди кон одредени промени. Оттаму прашуваат дали сето тоа ќе придонесе за дополнително раслојување во училиштата?

Од Министерството велат дека училиштата ќе можат целосно да го отпечатат учебникот за секој ученик кој поради каква било причина нема можност да ги користи електронските учебници.

Материјалите за учење остануваат бесплатни за сите ученици, вклучително и за учениците со оштетен вид, за кои државата ќе печати учебници на Брајово писмо, покрај достапноста на секој учебник во аудиоформат.

 

Ана Јосифоска Тодоровска