Состојбата со медиумите во земјава се влошува
Земјава забележа скок од две позиции во најновиот извештај на организацијата „Репортери без граници“. Но, оттаму оценуваат дека медиумската ситуација се влошува, а постојат и закани од владини преставници, онлајн малтретирања и вербални напади кон новинарите...

Осамна извештајот на „Репортери без граници“ кој ја смести земјава на 90-то место според слободата на медиумите, што за нас значи скок од само две места во оваа сфера. Во извештајот со наслов „Опстојува култура на неказнивост“ се потенцира дека минатата година ситуацијата на медиумите се влошила. Високи владини функционери продолжле да се закануваат и да ги навредуваат медиумите. Се зголемили сајбер-малтретирањето и вербалните напади врз новинарите на социјалните мрежи.
„Сето ова ја засили вкоренетата култура на неказнивост. Истовремено, пандемијата го усложни известувањето на новинарите. Организациите кои ги претставуваат медиумите силно се спротиставија на разни предложени измени на Законот за медиуми што би овозможило државно рекламирање во медиумите. Се противат оти сметаат дека тоа може да го охрабри клиентелизмот“- стои во извештајот на „Репортери без граници“.
Ова не е е ништо поразлично од нашите предупредувања, вели претседателот на ЗНМ, Чадиковски за МТВ. И за жал, вели, денеска имаме уште три примери во кои што Јавното обвинителство ги одби пријавите за агресија врз новинарите.
Од ЗНМ посочуваат дека би можеле да се надеваме на подобро пласирање в година, само доколку се натераат институициите на многу посериозен начин да се зафатат со казнување на напаѓачите на новинарите.
Според репортери без граници, земјава најголем скок постигна во 2018 година. Најдобро рангирана со најслободни медиуми во регионов е Словенија која е на 36 место. Подобро рангирани се Хрватска, Босна и Херцеговина , Грција, Косово и Албанија, а полошо стојат Србија, Црна Гора и Бугарија.
Фиљана Кока
