Политика

Кривични за гласањето во скафандери

20.04.2021 15:42

ВМРО-ДПМНЕ и Левица поднесоа кривични пријави против спикерот Џафери и двајцата пратеници кои во скафандери дојдоа на гласање во Собрание. Партиите бараат одговорност поради непостапување по здравствените прописи во време на пандемија. Власта се повика на протоколите, за неа пријавите се беспредметни...

Кривичните пријави против двајцата пратеници од владејачката коалиција и против собранискиот спикер Џафери, во опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица ги објаснуваат со тоа дека се прекршени здравствените прописи од Кривичниот законик и Законот за заштита на населението од заразни болести.

Според опозицијата, тројцата со умисла и по претходна меѓусебна координација, сториле кривично дело, бидејќи двајцата пратеници дошле позитивни на ковид во Собранието, а спикерот тоа им го дозволил. Протоколите кои ги споменува Џафери за опозицијата се нерелевантни, бидејќи истите не се однесуваат за заразени од вирусот.

Во СДСМ велат дека доколку опозицијата повторно блокира исто ќе постапат во името на граѓаните. Запазени биле сите протоколи и мерки за присуство на болните пратеници на седницата во неделата. За власта, кривичните пријави се беспредметни.

Од извршениот увид во целокупната документација и просториите на Собранието, Државниот инспекторат за труд заклучил дека нема неправилности во работењето и одржувањето. Сепак, ова се однесува на протоколите пропишани од Владата, но не и за интерниот протокол на кој се повикува претседателот Талат Џафери.

 

Миле Ристески