Полицаецот е виновен за смртта на Џорџ Флојд
За неговата судбина решаваа 12 поротници, а пресудата беше разгледувана 10 часа, во текот на два дена. Членовите на семејството на Флојд со радост и олеснување ja дочекаа пресудата.

Полицаецот во Минеаполис, Дерек Шовин е прогласен за виновен по сите три точки од обвинението за убиството на афроамериканецот Џорџ Флојд. Останува во притвор уште неколку дена, по што ќе биде префрлен во затвор на издржување на казната. За неговата судбина решаваа 12 поротници, а пресудата беше разгледувана 10 часа, во текот на два дена. Членовите на семејството на Флојд со радост и олеснување ja дочекаа пресудата.
„Многу денови се молев и се надевав. Верував дека тој ќе биде осуден. Тоа беше долго патување“, рече Филонис Флојд, брат на Џорџ Флојд.
„Моето семејство никогаш не престана да се моли. Постојано се молев за правда. Благодарен сум. Брат ми не е тука, но јас сум благодарен и горд на него. Тој ми покажа како да бидам силен и како да бидам почитуван“, вели Теренс Флојд, брат на Џорџ Флојд.
„Ова носи малку олеснување, но, како што рековме, ова е само еден случај. Има уште многу нешта да се направат. Треба да донесеме правда за сите“, нагласи Кортни Рос- девојка на Џорџ Флојд.
Максималната казна за првата точка не може да биде поголема од 40 години затвор, за втората не повеќе од 25 години, а максималната казна за третата точка од обвинението е 10 години и/или парично, 20 илјади американски долари.
Веста за пресудата беше прославена и на улиците низ САД и во родното место на Флојд.
„Се надевам дека тоа ќе го промени начинот на кој луѓето гледаат на нас. Се надевам дека тој ќе промени многу во врска со луѓето“, вели еден пријател на Флојд.
Во обраќање до јавноста, американскиот претседател Џо Бајден рече дека пресудата е огромен чекор напред. Ги повика Американците да се обединат во борбата против расизмот, кој ја расипува душата.
„Денешната пресуда е чекор напред. Зборував со семејството на Џорџ Флојд. Извонредно семејство со извонредна храброст. Никогаш ништо не може да го врати нивниот брат, нивниот татко. Но, ова може да биде огромен чекор напред во маршот кон правдата во Америка“, нагласи претседателот Бајден.
Афроамериканецот Џорџ Флојд беше уапсен во мај 2020 година за наводен обид за користење на фалсификувана банкнота од 20 долари. Полицајците со колено му го притискале вратот додека тој девет минути ги молел да му дозволат да дише. Судбината на Флојд, среде пандемијата на коронавирус, предизвика серија демонстрации против расизмот и полициското насилство и прерасна во најголемото протестно движење во последните децении.
Маријана Димовска
