Ковид-19

Се намалува бројот на хоспитализирани во Охрид

22.04.2021 12:06

Бројките на хосптализирани и заразени од Ковид-19 во Охрид во последните десеттина дена се намалуваат, но дури 80% од заболените се со тешка клиничка слика и на кислородна подршка. Медицинскиот персонал по третиот бран е исцрпен и апелира на разум, бидеќи дел од граѓаните сѐ уште не веруваат во опасностите што ги носи вирусот и не ги почитуваат мерките за заштита...

Иако епидемиолошката состојба во Охрид во последнава недела се стабилизира лекарите велат дека таа е сеуште сериозна и дека ќе треба време за да се нормализира. Бројот на хоспитализирани е намален за 10-тина проценти,меѓутоа една петтина од болните се со тешка клиничка слика карактеристична за третиот бран од пандемијата.

„Точно е дека се намалува бројката на лежечки пациенти. Моментално имаме околу 100 лежечки пациенти,се намалува и бројката на амбулантни прегледи,меѓутоа останува онаа бројка на изразито тешки пациенти од тие 100. Така што имаме доста пациенти,скоро 80 посто кои што се на кислородна подршка,имаме неколку пациенти на неинвазивна механичка вентилација,имаме доста помлади пациенти“, вели д-р Горан Балевски-директор на Општа болница- Охрид.

Веќе сме на работ на силите,исцрпени сме и физички и психички, вели главната сестра на Општата болница, Анета Волканоска.

„Можеби мерките ги дадоа очекуваните резултати но сеуште е рано да се каже како ќе се одвива понатаму. Една година апелираме, молиме да се почитуваат мерките, но за жал сеуште има луѓе, наши граѓани, наши роднини, наши блиски кои се уште не веруваат во подмолниот вирус кој е тука присутен, кој за жал зеде многу жртви“, изјави Анета Волканоска-главна медицинска сестра при Општа болница- Охрид.

А дека апелите не допираат до дел на граѓаните на Охрид укажуваат бројните забави или групирања на млади лица во станови и куќи подалеку од очите на јавноста,но и големиот број на прекршочни пријави за непочитување на мерките за заштита од Ковид-19.

 

Сашо Нелоски