Ве мачи ли неодлучност и колебливост? Како полесно да се донесат важните одлуки во животот?

26.04.2021 15:38

Понекогаш на сите конечниот избор ни претставува застрашувачка мисла. Дали и како да се избере вистинската работа, како да се донесе важна одлука. а да не се мисли со часови и денови, поради сите опции што ги имаме? Тука е несигурноста и стравот од погрешна одлука. Кога се во прашање важни животни прашања, одговорноста и стравот се уште поголеми и дополнително ја отежнуваат ситуацијата. Како до полесно и побрзо донесување одлуки? Како себе си да си дадете вистински и ослободувачки одговор, без да ве мачи прашањето „ што ако....“

Сте се нашле  ли во ситуација да се затекнете во вртлогот на својата колебливост, како во недоглед размислувате за некоја одлука, или на секој начин го избегнувате донесувањето одлука? Кога имате неколку подеднакво добри опции, неисцрпно ги испитувате сите детаљи, премислувајќи што би било- кога би било. На крај се чувствувате исцрпено.

Истражувачите на ова однесување му посветиле 3 децении и го нарекле одолговлекување поради неодлучност. Неодлучноста е вид хронично оддолговлекување, често под стрес, полнo со изговори, поради страв од погрешна одлука. Ова најчесто се случува кога се прави избор за работа или партнер. Поврзано е со неуротицизмот на личноста, односно склоноста да размислуваат за се што би можело да тргне на лошо. Одложувањето или избегнување на донесување одлуки за нив е  стратегија  со која ги заобиколуваат замислените негативни последици. Но ова е само краткорочен лек за вознемиреноста при донесувањето одлуки. Неодлучните луѓе често вложуваат голем напор за да создадат ситуација во која нема да мораат да донесат одлука. Често тврдат дека заборавиле или не стасале да ги истражат сите можни избори, се потпират на други, или им го препуштаат изборот на други луѓе, за да можат да ги обвинат ако исходот е негативен. Дури и ако биле вклучени во одлуката, за лошите резултати секогаш вината е надвор од нив и од нивната контрола. Ова е еден од начините да се одржи самопочитта, префрлувајќи ја вината на надворешните фактори. Крајниот исход на ваквото однесување е личноста добро да се чувствува во сегашноста и да ја избегне стресната ситуација-донесување одлука, одложувајќи ја за некое друго време. Одолговлекувањето служи како механизам за соочување со проблемот донесување тешка и важна одлука.

Неодлучноста воопшто не е тривијална, Стравот од погрешна одлука може да ја парализира личноста. Неодлучноста и колебливоста создаваат анксиозност, загриженост, каење, срам, хронично незадоволство. Негативно влијае на квалитетот на животот.

Како полесно да се донесе одлука?

Истражувањата покажуват дека мотивацијата за промена треба да дојде одвнатре. додека надворешните мотиви се само привремено решение, кое нема трајно да го промени животот на нерешителните луѓе, Но, сепак дури и малите промени може да го подобрат квалитетот на животот.  

Има разни начини да се промени оваНа пример. Добро е да се направи краткорочен план кој ќе биде изводлив и конкретен. Така кога се движите според планот, помала е можноста да се одложат дејствата и одлуките, бидејќи поуспешно се оди кон планираната цел.

Обрнете внимание што постојано си зборувате себе си. Ниската самодоверба, негативните и самокритични мисли и сомневањето во сопствените способности, придонесуваат за поголема неодлучност. Како и за се во животот со мали вежби и чекори, ние стануваме се подобри. Донесувањетона помали одлуки, со свесно размислување за позитивен исход, помагаат во изградба на самодовербата, за чувството за ефикасност и очекување на успех. Следењето и наслушнувањето на сопствените мисли и сомнежи при донесувањето одлуки е исто така важно. Истражувањата сугерираат дека внатрешниот монолог може да помогне во разрешувањето на застрашувачките чувства и нереалните уверувања кои придонесуваат да се чувствувате лошо кога носите важни одлуки.

Ограничете ги своите избори. Селектирајте ги и така ќе си олесните да не се изгубите во морето можности. Елиминирајте ги сите опции што не ги задоволуваат вашите потреби. Не губете време со детаљи и послушајте го својот внатрешен глас. Ако постојано се оптоварувате со прашањата „ што ако...“ и што ќе пропуштите ако одберете едно конкретно решение,  ќе го оптоварите умот.. Свесноста за ваквите мисли е важен чекор кон промена.

Пресметајте се. Запишете во бележник кои се предностите, а кои недостатоците од вашиот избор, а потоа консултирајте го својот систем на вредности. Ова во иднина може да ви биде потсетник ако дојдете во ситуација да се посомневате во својот избор. Кога ќе прочитате зошто така сте решиле може да го избегнете каењето. Не брзајте по секоја цена доколку не морате.  Кога ќе си дадете доволно време да размислите, подоцна нема да барате изговор дека одлуката сте ја донеле набрзина и лекомислено. Кога имате собрано доволноподатоци, внимателно анализирајте ја опцијата. Така ќе бидете подалеку од можноста за откажување. Кога нешто ќе одлучите не се вртете назад, продолжете само напред. Времето тече само во една насока, кон иднината. Единствен момент кога вреди да се звртите назад е кога ќе решите да си одадете признание  и да согледате колку сте напредувале.

Значи донесете одлука и тргнете во акција. Никогаш нема да знаете дали поинаква одлука би била подобра. Но, нема светот да пропадне и ако сте погрешиле. Најдобрите лекции за човекот се грешките, тие го прават  поцврст, поупорен, поистраен и поодлучен.

Соња Стојановска