Куманово

Верниците се подготвуваат за Велигден

29.04.2021 13:52

Почнаа подоготвките за најголемиот христијански празник Велигден. Домаќинките утринава ги бојадисаа првите велигденски јајца. И оваа година празникот ќе биде во знак на пандемијата. Кумановци сепак Велигден ќе го прослават со богата трпеза, во кругот на семејството...

Почнаа подготовките за еден од најголемите христијански празници, Велигден. Главен обичај на Велики четврток е вапцувањето јајца.  70-годишната кумановка, Калина Бошковска раскажува дека на овој ден обично се бојадисуваат три јајца во црвена боја, но сега во поново време, се користат повеќе начини на фарбање. Домаќинките тоа го прават пред да изгрее сонцето.

„Обично црвените се најголема традиција, но сега почнавме да мешаме и други, црвеното јајце е вечна традиција. Обичајот е во секоја куќа да вапцуваме јајца, да се радуваме на убавиот празник. Тие трите што се редовни црвени, утринава пред сонце, овие другите може и подоцна, овие се со салфети, различни бои, има и ливчиња, некои и со различни бои“, вели Калина Бошковска, 70- годишна кумановка.

Празничната атмосфера и оваа година ќе биде во знак на пандемијата.  Бошковска вели дека  Велигден ќе се одбележи во најтесниот круг, согласно мерките.

„Сите сме луѓе сакаме да си го одбележиме празникот но да бидеме претпазливи, растојанието да го одржуваме, да носиме маски, како што налага законот, многу дружење нема, но сепак семејно ќе се собереме“, истакна таа.

И кумановци кои утринава го посетија собрниот храм „Свети Никола“, се согласуваат дека големи велигденски прослави нема да има, но трпезата ќе биде богата, а велигденските јајца се најважни.

„Се подготвуваме за Велигден, се е добро, ние да почитуваме, јајцата се најважни на трпезата но и се  други што има, и ручок, слатко се што треба“, вели една кумановка.

„Без јајца не може, друго се имаме, но пандемијата сепак спречува да се прославува“, дополнува друга.

На семејниот празник Велигден, вообичаено помладите одат на ручек кај повозрасните, родителите.

Утре на Велики петок, согласно традицијата граѓаните ќе ги посетат светите храмови, при што ќе донесат велигденски јајца. Децата ќе се протнат под иконите, а свештените лица ќе ги посипат со миризливата вода.

 

Елена Георгиевска