Лековитоста на солените соби

29.04.2021 15:03

Точно е дека солта е најважниот зачин за човекот кој може да биде корисен, но и штетен ако се конзумира премногу, но солта може да биде корисна и на друг начин. Таа е природен лек чии благодети ги уживаме кога се сончаме во солено опкружување или кога вдишуваме воздух збогатен со сол. Вдишувањето на таков воздух помага за елиминирање на вируси, бактерии, габички, алергени и токсини од организмот.

Терминот халотерапија( грч.хало значи сол) се употребува од 80-тите години на минатиот век. Лекувањето се прави во таканаречени солени соби, по модел на руските и полските солени пештери од 19 век. Во Русија солената метода се користи за лекување болести на дишните патишта повеќе од 20 години како официјално потврдена терапија во состав на јавното здравство. Истиот статус го има и во Естонија.

Во Торонто пред повеќе од една деценија е отворена првата клиника која користи методи на халотерапија, а неодамна и во Лондон. Лекувањето со солна терапија станува се попопуларно и во другите земји низ Европа, па и во САД.

Последното десетолетие се направени бројни научни истражувања кои ја потврдуваат лековитата моќ на солените соби

Терапијата всушност е престој во просторија која имитира солена пештера. Притоа се вдишуваат микроелементи на кристалните соли, а телото и кожата исто така се изложени на сувите аеросоли. Просторијата во која се спроведува третманот има контролирани услови: воздухот е без алергени, температурата е меѓу 18 и 24 целзиусови степени, а влажноста на воздухот е од 40 до 60 %. Солта е природен извор на негативни јони кои го прочистуваат воздухот. Микрочестичките на камената сол се состојат од минерали-хемиски елементи кои докажано се лековити за цел организам. Застапеноста на бакарот го поттикнуват процесот на размена на материите во организмот. Цинкот го подобрува развојот и растот на коските. Јодот делува за правилна работа на штитната жлезда, на имунитетот на мозочните функции. Калциумот е нужен за здравјето на коските и на забите, но и за процесот на згрутчување на крвта, па така се намалуваат болестите на срцето. Литумот е важен за спречување атеросклероза, срцеви болести и дијабетес. Магнезиумот помага во процесот на претворање на храната во енергија и создавање протеини, делува за намалување на нервна напнатост. Манганот е антиоксиданс кој заштитува од оштетувањата на слободни радикали поради нездрава храна. Селенот е исто така антиоксиданс и  ги заштитува клетките од нарушувања, го јакне имунитетот, делува против стареење на кожата. Железото спречува анемија и го подига нивото на отпорност.

Со ова директно се влијае на подобрување на општата состојба на цел организам. 

При вдишување на воздухот збогатен со негативни јони, веднаш се чувствува благотворен ефект на расположението, се отстранува стресот, раздразливоста и заморот. Воздухот збогатен со фини честички на солта продира длабоко во кожата и во дишните патишта, подлабоко отколку со инхалација. Вдишувањето на таков воздух помага за елиминирање на вируси, бактерии, габички, алергени и токсини од организмот. Третманите за возрасни обично се препорачуваат по 40 минути, а 20 минути за деца. За постигнување на резултати потребни се најмалку 10 до 20 третмани. Терапијата може да се повтори 2 до 3 пати годишно. Наменета е за сите возрасни категории, па дури и за доенчиња по препорака  и контрола на педијатар. Кога е надополнета со пријата музика за опуштање и светлосни симулации има уште подобар ефект.

Халотерапијата докажано лекува акни, дерматитис, псоријаза. тегоби на горните и долните дишни патишта, алергии, астма, цистична фиброза, грчење, воспаление на уво, хронично опструктивните болести на белите дробови, хроничен замор и стрес, настинки, воспаление на бронхиите, грлото, крајниците, синусите. Се користи и за превенција на овие болести и за подобрување на циркулацијата. Во благотворноста на солената терапија може да се ужива и во својот дом, на пример со декоративни светилки изработени од розеникаво портокалова хималајска сол. Кристалната сол од хималаите содржи 84 видови минерали, па затоа ваквото осветлување е едно од најздравите вештачки извори на светлина. Со нив се уништува елктричниот смог кој зрачи ос сите електронски уреди и е многу штетен за човечкото здравје. Нежната светлина од ваквите ламби помага кај пореметувањата за спиење и за концентрација. 

Се смета дека 20 минути поминати во солена соба еднакво делуваат како престој на море од 4 дена. Солените соби се идеален надоместок при неможност за престој на море.

Соња Стојановска