Ковид-19

Пристигнаа 200 илјади вакцини на „Синофарм“, од вторник почнува масовната имунизација

30.04.2021 10:08

Пристигнаа 200 илјади кинески вакцини на „Синофарм“. Со ова од 4-ти мај, вторник, во земјава ќе почне најавуваната масовна имунизација. Се очекува дневно да бидат имунизирани од 10 до 15 илјади граѓани...

Пристигнаа 200 илјади кинески вакцини на „Синофарм“. Со ова од 4-ти мај, вторник, во земјава ќе почне најавуваната масовна имунизација. Се очекува дневно да бидат имунизирани од 10 до 15 илјади граѓани.

Во Поликлиниката „Јане Сандански“ вакцините ги пречекаа министерот за здравство Венко Филипче и амбасадорот на Народна Република Кина, Џао Ѕунг.

„Во текот на следните денови, најдоцна  во понеделник, вакцините ќе бидат дистрибуирани во сите вакцинални пунктови за масовна вакцинација ширум државата, во Скопје во салата „Борис Трајковски“, а во другите шест градови исто така во спортските сали. Тоа ќе биде во Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола и според распоредот на веќе пријавени граѓани, ќе биде распределена и бројката на вакцини и процесот на вакцинација со кинеските вакцини ќе започне веќе во вторник“, изјави Филипче.

Во наредниот период ќе стигнат уште 500 илјади вакцини на „Синовак“ и дополнителни 100 илјади кинески од „Синофарм“, како и уште 26 илјади од „Фајзер“.

Досега во земјава се вакцинирани 55.926 граѓани, пријавени за вакцинација се 207.332 лица.