МПЦ не го менува ставот, ќе се причестува со едно лажиче
Ставот на МПЦ и на митрополитот Тимотеј околу причестувањето е ист како и лани...

Поради пандемијата и годинава Велигден ќе го прославуваме со ограничувања. Во македонскиот духовен центар Охрид покрај охриѓани големиот верски празник ќе прослават и поголем број верници од земјава и соседството. Поради тоа од дебарско-кичевската епархија упатија апел за почитување на мерките за заштита од Ковид-19, но сепак црквата останува на ставот дека причестувањето ќе се одвива со едно лажиче.
Празникот над празниците, светлото Христово Воскресение кој по традиција се прославува во мир и молитва во кругот на семејството и годинава поради пандемијата ќе се одбележува на поинаков начин. Во Охрид и овојпат се очекува духовните храмови да ги исполнат верници од земјава но и од соседните држави, поради што од Дебарско-Кичевската епархија апелираат да се почитуваат мерките на владата затоа што и црквата е дел од државата и се грижи за здравјето на верниците и сите луѓе.
„Вистински христијанин, вистински верник ќе се потврди оној којшто ги почитува и божјите закони, но исто така ќе ги почитува и советите и препораките на соодветните лекари коишто се повеќе компетентни од нас, а тие препорачуваат да се одржува таа природна дистанца којашто е потребна, да се носат заштитни маски и да не се групираат непотребно како во своите домови, уште повеќе во самите цркви или манастири“, изјави г. Тимотеј, митрополит Дебарско-Кичевски и Плаошки.
Ставот на МПЦ и на митрополитот Тимотеј околу причестувањето е ист како и лани.
„Ние никогаш не сме отстапиле дека ќе причестуваме со едно лажиче. Оној којшто има каква било резерва или страв, сомневање, ние никого не принудуваме да пристапува кон светата причест“, изјави г. Тимотеј, митрополит Дебарско-Кичевски и Плаошки.
Во пораката до православниот народ митрополитот Тимотеј вели дека граѓаните не треба само формално да ги посетуваат црквите и манастирите, туку да се подготват и духовно, со прочистување, простување и покажување на хуманост и љубов кон својот ближен, бидејќи не можат да го сакаат господа кого не го виделе, а да не го сакаат својот близок којшто има потреба од каква било помош.
Сашо Нелоски
