200.000 вакцини од „Синофарм“ пристигнаа во поликлиниката „Јане Сандански“
Според предвидувањата на здравствените власти, дневно ќе се вакцинираат околу 10 илјади граѓани...
Од Пекинг, преку Истанбул и Белград до Скопје – пристигнаа долгоочекуваните 200 илјади кинески вакцини од „Синофарм“. Од ладната соба во поликлиника Јане Сандански, деновиве ќе бидат распоредени во арената „Борис Трајковски“, но и во спортските сали во уште шест градови низ државата, Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола.
Со пристигнувањето на 200 илјади кинески вакцини, по празниците ќе се зголеми имунизацијата на населението. Според предвидувањата на здравствените власти, дневно ќе се вакцинираат околу 10 илјади граѓани.
Акцент ќе се стави на граѓаните коишто веќе се пријавени и чекаат да бидат вакцинирани. Ќе бидат повикувани според возраста. Министерот за здравство Филипче, верува дека до почетокот на летото ќе имаме висок процент на вакцинирано население, што ќе придонесе за целосно менување на епидемиолошката состојба во земјава.
-Во тие големи пунктови ќе има практично од сите вакцини, следнава недела кинески и вакцини на Фајзер. Нема потреба да се става акцент на тоа да се бира вакцина. Сите се со еднаков квалитет, нема никаква контраиндикација. Каква вакцина има во пунктот во тие часови кога е предвидено да се вакцинираат граѓаните може комотно да ја примат без да бидат загрижени и да размислуваат дали има предност да се вакцинираат повеќе со една или со друга вакцина, изјави Венко Филипче, министер за здравство.
Оваа пратка е ново поглавје во односите на меѓу нашите народи, вели кинескиот амбасадор во земјава.
- Кина обезбедува итно неопходни вакцини за повеќе од 100 држави и меѓународни организации. Пристигнувањето на кинеските вакцини во Северна Македонија е конкретен чекор од кина за исполнување на оваа декларација и конкретна акција во градењето заедница за заедничко здравје на човештвото, изјави Џанг Ѕуо, амбасадор на Народна Република Кина.
Во мај се очекува да пристигнат уште 500 илјади вакцини од кинескиот производител „Синовак“ и дополнителни 100 илјади „Синофарм“ донација од Кина. Но, се понеизвесно е пристигнувањето на вакцините „Астра Зенека“ кои се произведуваат во Индија, поради ширењето на вирусот во таа земја и забраната за извоз.
Андријана Атанасовска
