Партиите повторно со различен аршин за настаните во Собранието од 27 април
Шефот на државава вели нема намера да ги помилува осудените, но појаснува дека доколку некој поседува нови докази кои можат битно да влијаат врз исходот на постапката, потребно е да ги искористат законски гарантираните вонредни правни лекови што потенцијално може да доведе до обновување на постапката...

Кога можеше да се повтори судењето за „Монструм“, зошто да не се повтори судењето за 27-ми април? Дали власта се плаши од повторено судење и нови докази?, прашува опозициската ВМРО-ДПМНЕ која инсистира да се реотвори судскиот процес за упадот во Собранието од 2017-та.
„Во едно повторено судење за случајот со 27 април може да излезат нови докази кои ќе фрлат нова светлина и нова вистина, а таа нова вистина е дека осудените сигурно не се терористи. Дополнително, за овој случај се појави и аудиоматеријал кој покажува дека главниот сведок на обвинителството е сериозно компромитиран“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
За социјалдемократите, судењето за упадот во Собранието е завршена работа и веќе има пресуда.
„Насилници не може да бидат уставобранители, тие посегнаа по животите на пратеници, новинари, луѓе од собраниските служби, претепаа пратеник кој заврши и во кома“, велат во СДСМ.
За Алијансата на албанците потребно е да одговараат и како што велат организаторите на упадот во собранието, а не само извршителите.
Прашањето за можноста од повторно отворање на случајот за крвавиот четврток го коментираше и претседателот Пендаровски. Шефот на државава вели нема намера да ги помилува осудените, но појаснува дека доколку некој поседува нови докази кои можат битно да влијаат врз исходот на постапката, потребно е да ги искористат законски гарантираните вонредни правни лекови што потенцијално може да доведе до обновување на постапката. Пендаровски повика да не се политизира постапката, а на настанот да не му се даваат политички квалификации.
Миле Ристески
