Куманово

Комплексот „Света Троица“ вистинско светилиште

02.05.2021 14:08

На ридот над кумановско Скачковце се наоѓа манастирскиот комплекс „Света Троица“. Ова свето место, е во вистинска атракција за кумановци, но и граѓаните на останатите општини од земјава. Освен манастирот „Света Троица“, во изградба е и храм посветен на Богородица. Комплексот располага и со 12 метарски крст, но и велигденско јајце кое тежи дури 12 тони.

Манастирскиот комплекс „Света Троица“ во кумановско Скачковце прерасна во вистинско светилиште. Светиот храм кој се наоѓа на околу 12 километри од Куманово, располага со конак, 12-метарски крст, камена кула, триметарско велигденско јајце, различни статуи и интересни содржини за посетителите. Во изградба е и нов манастир посветен на Богородица.

Веќе неколку години дворот на манистирскиот комплекс „Света Троица“ во Скачковце, го разубавува триметарско црвено мермерно јајце. Овој православен симбол е направен од голема мермерна карпа, а тежи дури 12 тони.  Јајцето во 2011 година го изработил вајарот Сотир Николовски во Прилеп, а истото е и осветено.

За ова светилиште над 25 години се грижи ктитор Пајко, заедно со семејството. Вели се што е направено, е со цел да им служи на луѓето.

„Не само од Куманово доаѓаат тука луѓе од Скопје, Велес, Штип, секој викенд има луѓе ќе седнат, ќе каснат, ќе поседат, ќе ги наполнат батериите, ќе се облагородат, бидејќи човек кога ќе дојде на свето место ќе се исполни со мир, љубов, но кај него ќе се роди и светопокајание, ако згрешил да прости“- вели тој.

Манастирскиот комплекс во Скачковце неодамна се закити и со награда за најдобро уреден еколошки центар во Европа.

„Не сум јас богат човек, јас само имам големо срце, и се да дадам, не сум ништо, ако нема верници. Верниците се манастирот, тие исповедаат вера“- укажа Пајко.

Но, за да се одржува површина од пет хектари, Пајко вели дека треба желба, но и многу работа. Што ќе биде со комплексот по неговото пензионирање не знае, но се надева дека внуците ќе тргнат по неговите стапки.

Елена Георгиевска