Мирна велигденска ноќ во службата за Итна помош, се очекува мини- пик
Лекарите од службата за Итна помош стравуваат, сликата од велигденската ноќ може да придонесе до повторно зголемување на бројот на заболени...

Укинувањето на полицискиот час за велигденската ноќ, повод за дружба со пријателите. Некои без маски и без почитување на мерките за заштита од коронавирусот, младите ги исполнија верските храмови, а дел и парковите. Лекарите од службата за Итна помош стравуваат, сликата од велигденската ноќ може да придонесе до повторно зголемување на бројот на заболени.
„За жал не би сакал, ама мислам дека е реално да се очекува мини- пик на зголемување на пациентите за 10 до 15 дена, бидејќи според кажувањата на помладите колеги синоќа во градскиот парк било полно, воопшто немало место каде да се седне, да се одмори. Држењето на растојание и на отворено седење не е 100 посто сигурен знак дека некој не може да се разболи и да се пренесе вирусот од еден на друг пациент“, вели д-р Ѓеорги Карамановски – шеф на смена во Итната медицинска помош.
Ноќта за дежурните тимови во итната медицинска помош сепак минала мирно, без зголемен број интервенции. Лекарите советуваат, седумнеделниот пост може да предизвика и здравствени нарушувања, повикуваат на умереност во исхраната.
Велигденските празнувања се уште не се завршени. Лекарите апелираат граѓаните да внимаваат со консумирањето на масна храна и алкохол. И секако да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.
Андријана Атанасовска
