Соживот и толеранција

Христијани и муслимани заедно слават Велигден во Струга

03.05.2021 13:38

Празниците се мотив да се изрази взаемна почит и љубов меѓу различните верски заедници. Во мултиетничка Струга, Христијани и муслимани заедно го прославија Велигден. Велигденската дружба е дел од проектот „Низ една призма сите сме исти“, што изминативе месеци се спроведува во Охрид и Струга...

Христијани и муслимани заедно слават Велигден. Празниците мотив плус да се изрази заемна почит, љубов, поддршка и разбирање. Различната верска определба треба да биде мост за зближување. Во организација на здружението „Инклузија“ во мултиетничка Струга, деновиве се подаруваа вапсани јајца и се честиташе Велигден.

„Ако ги сакаме сите оние наши ближни и оние кои припаѓаат на различни етнички заедници тоа само не прави поголеми луѓе и во очите на Бога. Наше е да се почитуваме, да се сакаме, да градиме мостови на соработка бидејќитоа е единствената иднина во едно мултикултурно, мултитолерантно општество“, вели Весна Цветаноска од Здружението за мултикултурна интеграција „Инклузија“.

Верските заедници, политичките партии, граѓанскиот сектор и медиумите се клучните актери за градење на соживот и толеранција.

„Што се однесува на соживотот и толеранцијата, сметам дека генерално во Струга имаме соживот, и тоа е резултат од долгогодишниот живот што го имаме овде како општество со различни заедници“, вели Масар Жаку, граѓански активист од Струга.

„Ние како општина сме пример за тоа како треба да се одвиваат односите меѓу различните етникуми и религии. Мене така ме научиле моите родители уште како мала и така треба да продолжиме“, вели Мбареса Мемети, граѓански активист од Струга.

Велигденската дружба е дел од проектот „Низ една призма сите сме исти“, што изминативе месеци се спроведува во Охрид и Струга. За таа намена имаше мултиетнички камп, толерантно кафе со свештеник и муфтија и повеќе работилници со младите. Граѓанските активисти заедно ќе го слават и празникот Бајрам.

Соња Рилковска