Политика

Партиите и натаму со спротивни ставови за работата на Собранието

03.05.2021 14:21

Во СДСМ очекуваат да се почитува договорот од последната лидерска меѓу Заев и Мицкоски за деблокада на политичкиот процес и донесување на законите. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак со став- сѐ додека власта покажува ароганција и ја злоупотребува својата моќ, најавата за повеќе пратенички групи е само една од опциите за да се принуди власта на дијалог...

Власта и опозицијата и натаму со дијаметрално спротивни ставови за работата на законодавниот дом. Во СДСМ очекуваат да се почитува договорот од последната лидерска меѓу Заев и Мицкоски за деблокада на политичкиот процес и донесување на законите важни за евроинтеграциите, за справување со здравствена криза и санирање на економските последици во услови на пандемија. Опозицијата треба да покаже чувство за националниот интерес и за потребите на граѓаните и да ги повлече илјадниците амандмани на триесетина закони, бараат Социјалдемократите.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак со став- сѐ додека власта покажува ароганција и ја злоупотребува својата моќ, најавата за повеќе пратенички групи е само една од опциите за да се принуди власта на дијалог. Посочуваат дека иако постои лидерски договор, тоа не значи дека тој е над Уставот и законите.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се отворени за соработка со сите партии за заеднички настап на претстојните локални избори. Не се против доколку на локалните избори има отворени листи за советници и една изборна единица за парламентарните избори, само доколку има консензус меѓу сите партии.

Од СДСМ пак, по појавата на независни советнички групи во одделни општини, велат дека тоа е демократско право на секој поединец, но тоа не значи дека во владејачката партија има несогласувања или фракции.

По Велигденските празници, во среда закажани три седници на кои треба да се гласаат стотина закони за кои е завршена расправата. Власта очекува да се обезбеди кворум, а опозицијата тврди- мнозинството да има поголем респект за нивните барањата.

 

Игор Панов