Борбата со пандемијата ја потврди потребата од важноста за точна информација
Борбата со пандемијата уште еднаш ја потврди потребата од важноста за точна информација. Слободното и професионално новинарство се првиот браник против чувството на несигурност и недоверба, велат експертите. Светскиот ден на слободата на печатот, под покровителство на Обединетите нации, се одбележува под мотото „Информацијата како јавно добро“...

Борбата со пандемијата предизвикана од Ковид- 19 уште еднаш ја потврди потребата од важноста за точна информација. Последната година освен со вирусот, битка се водеше и со лажните вести. Слободното и професионално новинарство се првиот браник против чувството на несигурност и недоверба. На Светскиот ден на слободата на медиумите професорката Бачовска вели дека станавме жртви на ирационално сваќање на слободата на изразување.
Новинарите во вонредни услови предизвикани од пандемијата со Ковид 19 продолжија навремено да ги информираат граѓаните, велат од Македонскиот институт за медиуми. По повод Светскиот ден на слободата на печатот од Македонскиот институт за медиуми посочуваат дека уште еднаш се покажа потребата за развој на медиумската индустрија.
Во соопштението од Агенцијата за медиумски услуги се вели „Пандемијата на Ковид-19 негативно се одразува врз економското работење на медиумите и медиумскиот плурализам и придонесува за глобална појава на инфодемија, затоа треба да се заштити независноста на медиумите“.
Светскиот ден на слободата на печатот, под покровителство на Обединетите нации, се одбележува под мотото „Информацијата како јавно добро“.
Дијана Ценевска
