Ковид-19

Предлог за намалување на рестрикциите, утре стартува масовната вакцинација

03.05.2021 14:34

Продолжено работно време на угостителите, да затвораат половина час пред почетокот на полицискиот кој ќе почнува од 23 и ќе трае до 5 часот наутро. Ова е предлог на главниот координативен кризен штаб за кој ќе треба да одлучува Владата. Новиот режим би започнал од 5-ти мај, в среда. За утре е најавен почетокот на масовната вакцинација...

Полицискиот час да почнува во 23, да завршува во пет часот наутро, а летните тереси на угостителите да работат до 22:30. Главниот координативен кризен штаб ќе ѝ предложи на Владата намалување на рестрикциите. Ако се усвојат овие мерки на Министерството за здравство, новиот режим на движење ќе важи од среда, 5-ти мај.

Предлогот за намалување на рестрикциите следува откако во изминатите денови постепено се намали притисокот врз болниците, а евидентиран е и пад на бројката на новозаболени со Ковид -19. На инфективните оддленија во државата се лекуваат 1.085 пациенти, а како што велат од министерството, има повеќе од 750 празни болнички кревети.

Веднаш по празникот, стартува и масовната имунизација на населението. Планот предвидува дистрибуција на 200 илјади кинески вакцини до пунктовите во шест градови во државата во кои дневно ќе вакцинираат меѓу 10 и 15 илјади граѓани.

Досега се вакцинирани повеќе од 61.600 граѓани, а интерес за имунизација, според релевантниот сајт, пројавиле 218.000 лица. Здравствените власти се надеваат дека до почеток на летото ќе има висок процент на вакцинирани со што целосно ќе се промени епидемиолошката состојба.

Анита Димитријевска Велковска