Дали ви е тешко да кажете НЕ?

06.05.2021 16:31

Ако се почитувате себе си, кажете НЕ кога сакате да поставите некоја граница, кога не го сакате тоа што го очекуваат другите. Така околината ќе има јасна претстава со кого си има работа, јасно ќе ги изразите своите ставови без страв дека некој ќе ви наштети или ќе ви се налути поради тоа. Важно е дека вие долгорочно нема да страдате да се обвинувате себе си или другите за погрешно направениот избор поради немање храброст.

Кога некој ќе го побара вашето слободно време или некаква услуга, дали брзо изговарате ДА наместо НЕ? Она што го мислите или вашиот став за тоа е спротивен на вашата брзоплета согласност и поради тоа се чувствувате бесни и се лутите сами на себе. Зошто ни се случува тоа? Какви стравови носиме длабоко во себе, каква е таа несигурност и неодлучност да се спротивставиме? Најчесто причините се да не ни се налути некој, да не бидеме напуштени од нашите драги луѓе, пријатели, партнери, деца, што ќе помислат за нас, дека помалку ќе не сакаат, колегите и шефот нема да не почитуваат ... и може да се набројат уште стотина причини. Ние сме мајстори за изговори и оправдувања за своите постапки. Но, каде не води тоа и што е тоа што се крие во нас што не кочи, што не ни дава да бидеме тоа што сме, тоа што чувствуваме? Ако понекогаш си дозволиме да го изговориме тоа НЕ ама млако, потоа се правдаме пред некого понизно, имаме грижа на совест, па се премислуваме, се извинуваме, нешто не гризе одвнатре.

Има една работа која ги поврзува најуспешните и најслободоумните луѓе ширум светот, а тоа е освојување на слободата со изговарање две букви-НЕ. Тие за повеќето работи , случувања, јасно велат НЕ. Саботирање на себе си преку избегнување да се стават јасни граници е присутно кај голем број луѓе. И токму тоа често им создава чувство како да се врзани со некои невидливи нитки, а истовремено мислат дека некој друг им ја краде слободата. Многумина ќе кажат избрзано ДА , при тоа не мислејќи на себе и на својата желба, туку на туѓата желба или потреба, или пак за да не го повредат соговорникот. Потоа без воља и желба ќе направат нешто кое не им е драго и не се чувствуваат добро поради тоа, немајќи сила јасно да кажат што мислат, што сакаат или не сакаат да направат. Сите сме биле во ситуација кога ни било тешко да одбиеме драга личност, иако не ни било по воља. Подоцна има каење или пак ветеното не се исполнува, а личноста нема храброст да каже дека се предомислила и дека нејзиниот избор е поинаков. Некои луѓе го користат зборот ДА за да ги задоволат другите или како стратегија со која се обидуваат да го контролираат мислењето на другите луѓе за себе, како и нивното однесување кон нив. Доколку не се чувствувате доволно слободно да кажете не и да опстоите на своето мислење, запрашајте се дали релацијата со другата личност, партнер или пријател, има иднина, или треба да се надгради и унапреди за да опстане. Малку луѓе размислуваат за ова, сметајќи дека другарство или љубовно партнерство е ако некому му се удоволува постојано. Напротив, доколку човек нема слобода да ги искаже своите желби и потреби, при тоа плашејќи се дека неговиот став ќе го повреди другиот, тоа не води кон добро. Создава само гнев кон другиот, кон себе и таа лутина созадава лоши емоции, потиснати чувства, избегнување на ситуации или луѓе, страв од туѓи реакции, чувство на стеснетост, нелагодност.

Во најтесното приватно опкружување, удоволувањето на луѓето што ги сакаме често пати има смисла, доколку не е на нечија штета. Но постојаното согласување и климање со глава на работа, подоцна води кон големо незадоволство или прегорување во работата, иако на почетокот изгледа примамливо како самодокажување поради желбата да бидеме повеќе ценети и почитувани.

Ако се почитувате себе си, кажете НЕ кога сакате да поставите некоја граница, кога не го сакате тоа што го очекуваат другите. Така околината ќе има јасна претстава со кого си има работа, јасно ќе ги изразите своите ставови без страв дека некој ќе ви наштети или ќе ви се налути поради тоа. Важно е дека вие долгорочно нема да страдате да се обвинувате себе си или другите за погрешно направениот избор поради немање храброст. Долгорочното незадоволство од ситуацијата носи немир и болест.

Човек мора да сфати дека се мора да прави во склад со себе за да живее слободно, за да биде одговорен за своите избори, за да не ги обвинува другите дека го завеле. Кога ќе станете свесни за тоа дека не си правите добро на себе си, дека создавате лажна слика за себе пред другите и пред себе, може да ве заболи. Ќе ви се врати како бумеранг токму она што сте го предизвикале со своето однесување. Тогаш се создава незадоволство од животот, неостварени очекувања, разочарувања. Што е тоа што ве тера така да се лажете себе си, а другите да имаат погрешна слика за вас како фин, воспитан, добар човек? Дали е тоа послушното дете во вас, кое го создале родителите, бабите, другарите, учителките -ако сум добар и послушен ќе ме сакаат сите?

Треба да се ослободите од тоа, да се соочите со вистинската слика, со животот кој ви се допаѓа или не. Ако ве сакаат такви какви што се искрени, ќе ве прифатат и ќе ве почитуваат. Важно е да се знае дека секогаш кога добиваме предлог треба да размислиме за нашите приоритети и како да го искажеме нашиот став кој е одраз на нашите желби. Притоа да си дадеме време да размислиме пред да се согласиме-10 секунди, 5 минути, еден час, еден ден, онолку колку што ни треба...Мора да стоиме зад нашиот став, зошто тоа ни дава чувство на почит кон себе, без грижа на совест и не води кон баланс и мир во нашата душа. Затоа речете НЕ секогаш кога не се согласувате со нешто што се бара од вас,

Соња Стојановска