Патната инфрастуктура до туристичките центри Охрид и Струга потполно небезбедна
Патната инфрастуктура до туристичките центри Охрид и Струга потполно небезбедна. Возачите од регионот, но и бројните туристи се жалат за состојбата на патиштата и бараат да се забрза изградбата на автопатот Охрид Кичево која трае цели осум години …

На прагот на туристичката сезона патната инфраструктура до главните туристички центри во земјава потполно небезбедна. Поради изградбата на автопатот, „Мајка Тереза“, која трае веќе осум години туристите на патот до Охрид и Струга се соочуваат со импровизирани кружни раскрсници, недоволно сообраќајна сигнализација, раскопани небезбедни делници и безброј пренасочувања.
Најкритично е во близина на Подмолје, каде повеќе од една година има импровизиран кружен тек со бетонски бариери. Возачите од регионот, но и големиот број туристи велат патиштата се во очајна состојба.
- Голем проблем е на ова кружно има доста сообраќај и не е регулирано. Сигурно пречи на сите пречи, вели еден возач.
- Хаос е ама одамна не сме дошле. Катастрофа не знам што се случува ова се прави со години, не знам што се случува, велат туристи.
- Не му е местото, не е ова сообраќајно решение, велат возачите.
-Ова е времен кружен тек додека се прави надвозникот, вели еден охриѓанец.
Според полицијата кружниот тек кај Подмолје е времено решение до изградбата на новиот надвозник, како дел од автопатот Охрид Кичево.
-Овој импровизиран кружен тек којшто ги дели двата главни туристички центри Охрид и Струга и охридскиот аеродром е еден од најфреквентните, воедно и една од најкритичните точки во овој регион.
Критично е и на патот Дебарца-Охрид-Струга, каде изминативе години се случени десетици сообраќајни несреќи со повеќе жртви.
Осум години трае изградбата на автопатот Охрид Кичево. Делницата долга 57 километри требаше да биде готова во јануари 2018 година. Според ресорното министерство, поради пропусти во проектирањето се пролонгира изградба, а трошоците надминаа половина милијарда евра.
Соња Рилковска
