Мицкоски-Пендаровски средба

Нови искри по средбата во Вила Водно

08.05.2021 20:05

Претседателот Пендаровски покажа две лица – едно зборуваше внатре, друго пред камера, му вршат притисок – лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски со коментар за средбата во Вила Водно. Од кабинетот на шефот на државата порака – ставовите на претседателот се кристално јасни и не зависат од средбата со Мицкоски..

Очигледен е притисокот што се врши врз претседателот Пендаровски – вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го коментира исходот од средбата со шефот на државава. Мицкоски тврди дека Пендаровски внатре, кога меѓусебно разговарале покажал едно лице и се генерално се согласувал со него, а надвор пред камерите покажал друго лице. Тоа е дволичност, рече Мицкоски.

Ставовите на претседателот Пендаровски за настаните од 27 април се кристално јасни на македонската јавност и тие воопшто не зависеа од средбата со господинот Мицкоски, коментар од Вила Водно по изјавата на Мицкоски.

„Фактот што по вчерашната средба немаше заедничко соопштение, ниту заедничка прес-конференција, јасно покажува дека секој од соговорниците по средбата ги кажуваше само своите ставови и оценки за тие настани. инаку, претседателот Пендаровски никогаш во јавноста не коментира детали и барања од своите соговорници, особено оние кои се надвор од темите најавени за разговор, така што тоа нема да го направи ниту овој пат“, појаснуваат од кабинетот на претседателот.

По средбата меѓу шефот на државата и опозицискиот лидер, чиишто односи беа долго време замрзнати, Пендаровски истакна дека помилување за 27 ми април не доаѓа предвид, но дека ако има нови докази кои не биле познати, судот може да одлучи да се оди на повторно судење. Мицкоски изјави дека не бараат амнестија и милостина, туку правда, а премиерот Заев коментираше дека претседателот не може да аболира или амнестира за настани кои се поврзани со терористичко загрозување на уставниот поредок, ниту е дозволено тоа да се направи, но вели од разговор меѓу првиот човек на државата и првиот опозиционер нема зијан.

Јас го цитирам само законот, ако има нови докази кои не биле познати и судот реши дека треба ново судење тоа важи за секој случај па и за 27 април, изјави претседателот Стево Пендаровски по средбата со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.

Тој потенцираше дека тие не се сложиле околу квалификациите или дисквалификациите на овие дела туку се сложиле дека политиката треба да биде подалеку од судството. Според Пендаровски средбата ја побарал Мицкоски и на неа многу кратко се разговарало за 27 април, туку средбата ја прифатил за да се воспостави политички дијалог меѓу опозицијата и институцијата претседател.

- Помилувања за лица кои направиле кривично дело не доаѓа предвид, рече Пендаровски.

Тој спомена дека дел од луѓето кои го претепаа Зијади Села во собрание биле судени за убиство во обид, човекот кој ја нападна тогашната пратеничка Радмила Шекеринска беше суден за насилство, но вели дека факт дека овие луѓе направија страшни кривични дела.

Неговата теза е дека двете политички партии имаат крајно спротивставени мислења за овие луѓе, за една страна се терористи рамни на Ал Каеда и ИСИС, а за другата страна се уставобранители и целта на оваа средба е да помогне двете страни да не се гледаат преку „нишан“ констатирајќи дека граѓаните досега не биле никогаш вака поделени.

Вели дека со оваа негова теза не прави ревизија на судската пресуда, но вели дека само цитира одредба на законот и законска можност осудените за 27 април да достават нови докази и да имаат повторено судење.

За изјавата на Мицкоски дека наишол на разбирање кај Пендаровски вели дека тие само го цитираат законот. За неговиот став дека овие лица не се терористи тој вели дека тој се води од правната квалификација за која се осудени лицата, а тоа не е тероризам, туку терористичко загрозување на уставниот поредок.

 

Марија Котовска