Османи: Време е Брисел да испорача и во јуни да се одржи првата меѓувладина конференција
Пред одбележувањето на денот на Европа, македонските власти со повик до унијата – време е Брисел да испорача и во јуни да се одржи првата меѓувладина конференција. Паралелно, според министерот за надворешни работи може да почнат разговори со привремената влада во Софија за надминување на недоразбирањата. Скопје бара да заседава меѓувладината комисија со Бугарија за да се процени исполнетоста на договорот за добрососедство и пријателство. Кредибилитетот на унијата е ставен на тест, предупреди шефот на дипломатијата...

Погрешно се насочува дебатата за тоа, што ако Албанија се тргне од пакетот со нас за отпочнување на пристапните преговори. Тоа нема да се случи во скоро време – смета шефот на македонската дипломатија Бујар Османи. Министерот вели дека треба да се концентрираме на нас, бидејќи сè што требаше исполнивме, од реформи до законодавство – редот е на унијата вели Османи. Според него, ѕидот дигнат пред државава стана симбол за нашите европски аспирации, но и тест за кредибилитетот на Европската унија. Политичката одлука е донесена, потребно е да се спроведе техничката а тоа е првата меѓувладина конференција. Првиот дипломат вели дека и со техничка Влада во Софија треба да продолжат разговорите.
За министерот Османи многу е важно со Бугарија да се состане и меѓувладината комисија која е единствено валидна за оценување колку и што е спроведено од потпишаниот договор. Македонскиот премиер Заев веќе в понеделник патува за Брисел. Тој ќе има средба со претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен за пристапниот процес на Македонија кон Европската унија.
Миле Ристески
