МЗ ги подготвува листите за вакцинација на пациенти кои имале трансплантација на органи и на бубрежно болните кои се на дијализа
Министерството за здравство ги подготвува листите на пациенти кои имале трансплантација на органи и на бубрежно болните кои одат на дијализа. Тие се следни за вакцинација. Здравствените власти тврдат – хронично болните во ниту еден момент не се изоставени од процесот, нив ги има и меѓу повозрасната популација и во критичната инфраструктура. Досега во земјава се вакцинирани над 97 илјади луѓе. Само вчера имало речиси 14 илјади боцкања...

Се изготвуваат списоците за вакцинација за пациентите кои се со трансплантација и оние кои одат на дијализа – потврдуваат од министерството за здравство. Но, оттаму без конкретен одговор – кога и колку пациенти од овие ризични групи ќе бидат имунизирани против коронавирусот. Дополнуваат дека вакцинацијата во државата се одвива според националниот план, а луѓето со хронични болести не се изоставени. Веќе биле имунизирани повозрасните граѓани кај кои, хроничните болести се најзастапени и вработените во критичната инфраструктура, кои иако помлади се со хронични заболувања.
-Во ниту еден момент не изостануваат да се вакцинираат граѓани кои имаат хронични болести. И меѓу граѓаните кои се пријавиле на vakcinacija.mk исто има граѓани со хронични заболувања кои се вакцинираат, велат од министерството за здравство
Во најголемиот пункт „Борис Трајковски“ продолжува имунизацијата. Оние кои дојдоа да ја првата доза од кинески „Синофарм“ велат и да имале можност не би бирале со која вакцина ќе бидат боцнати.
-За мене сите се безбедни и мислам дека секој треба да се пријави и да ја прими вакцината заради комплетна и целосна имунизација на населението.
-Само Астра Зенека што викаат дека може да направи згрутчување на крвта инаку за другите ми е сеедно.
-Сепак со вакцина е побезбедно, човек и да се зарази, на некој начин полесно ќе преболи.
-Треба слободно да отидеме секој да се вакцинира полесно е за нас, изјавија граѓани.
Од министерството за здравство велат интересот за вакцинација секојдневно се зголемува. Досега, 30-ина проценти од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина.
Повеќе од 250 илјади граѓани изразиле интерес за имунизација преку сајтот вакцинација.мк. Досега вакцина и ревакцина примиле над 100 илјади граѓани.
Андријана Атанасовска
