Куманово

Тротоарите се прилагодуваат за лицата со инвалидитет

08.05.2021 20:49

Во Куманово започна проект за прилагодување на тротоарите за лицата со инвалидност. Иницијативата ја покрена здружението Мобилност, кое укажува дека непреченото движење е дел и од Конвенцијата за човекови права на Обединетите нации. Без спуштени тротоари и поставени рампи, лицата со инвалидност, не ги уживаат основните права. Од општината со ветување, и во иднина ќе се надминува проблемот со неприлагодената инфраструктура …

На барање на здруженија на граѓани во Куманово започна проект за приспособување на тротоарите на пешачките премини за потребите на лицата со инвалидитет. Со овие архитектонски бариери, непристапни пешачки премини, високи тротоари, на лицата им се ускратуваше правото на движење, кое е едно од основните за социјална интеграција, велат од здружението на лица со телесен инвалидитет мобилност Куманово, кое е иницијатор на проектот.

-Се соочуваме со бариери веднаш по излегување од нашите дворови, со високи рамници, нема спуштени тротоари на пешачките премини, недостаток на рампи за премостувањето на висинските бариери по институциите каде треба да ги оствариме нашите права, пред банките, трговските центри-истакна Бранимир Јовановски, претседател Здружение мобилност Куманово.

Од Здружението мобилност укажуваат дека најмногу загрижува кога има непристапност во објектите каде што се извршува настава. На тој начин се спречуваат младите да се стекнат со знаења и вештини, со кои во иднина би обезбедиле егзистенција. И кумановци се согласуваат дека неприлагодената инфраструктура е проблем и за мајките со колички и постарите лица.

- Колку згради има направени нови, ниту една нема пристап-вели еден кумановец.

-Спречени се лицата, како не, треба да се изградат – дополнува друг.

-Потреба е тоа, потешко е, треба да има-нагласува трет.

Спуштањето на тротоарите се спроведува во рамки на годишната програма, но поради проблем со изведувачот, но и лошите временски услови, имплементацијата е малку забавена.

- Знам дека состојбата не е идеална кога спуштате и уредувате нешто што е старо, дотраено многупати ќе изгледа полошо, од што било претходно, но нас ни е битно да бидат функционални-истакна градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Од општината укажуваат дека при градба на новите сообраќајни инфраструктури, ќе се поставуваат и спуштени тротоари за непречено движење.

 

Елена Георгиевска