Куманово

Шест години од „Диво насеље“

09.05.2021 15:35

Остатоците од шрапнелите на една од куќите во „Диво насеље“ се единственото нешто што потсетува на настаните од 9-ти и 10-ти мај 2015-та година. Но, кумановци се уште се сеќаваат на вооружената престрелка која се случи пред шест години. Пораката е „никогаш да не се повтори“, а соживотот во нашата мултиетничка средина, мора да продолжи. Во настаните во „Диво насеље“ загинаа осум припадници на безбедносните сили.

„Никогаш да не се повтори“, е пораката што ја упатуваат кумановци, шест години по вооружената престрелка во „Диво насеље“, кога загинаа осум припадници на македонската полиција, а 37 беа повредени. Куманово се уште се сеќава на пукотниците и звуците на сирените на 9-ти и 10-ти мај 2015-та година. Градот го надлетуваа и хеликоптери.

Пред точно шест години на улицата која води кон населбата „Тоде Мендол“, или „Диво насеље“ како што ја нарекуваат кумановци, беше целосно затворена. Запре работата во фабриките, градскиот пазар, работниците, тоа утро, не заминаа на своите работни места. Но, денес состојбата е сосема поинаку, градот функционира нормално.

Во населбата каде што се водеа борбите, единствено што потсетува на настаните од 9-ти и 10-ти мај, се остатоците од шрапнелите на една куќа. Останатите веднаш по настанатите, беа реконструирани. Кумановци велат соживотот во нашата мултиетничка средина, мора да продолжи.

„Нормално си живееме сега се засега, што беше помина, никогаш да не се повтори, не само во Македонија, туку никаде во светот“- вели еден кумановец.

„Секогаш живеевме заедно, беше добро но не знам што се случи на 9-ти мај. Порано живееме заедно Македонци и Албанци, јас сум тука 50-години“- дополнува друг граѓанин.

Во соборниот храм „Свети Никола“ во чест на загинатите припадници на полицијата и годинава се одржа панихида, која ја организираат група бранители.

„Во 2015-та се случи тетористички напад врз Куманово, луѓето кои загинаа 8-мина се херои, бидејќи со своите животи спасија цивилни животи. Тоа никогаш нема да го заборавиме. Тие луѓе дадоа се што имаат, најсветото нешто, својот живот и затоа наша огромна обврска и товар е никогаш да не дозволиме да ги заборавиме. Вечна им слава“, порача бранителот Предраг Петрушевски.

Во престрелките животот го загубија Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои посмртно беа одликувани со медал за храброст. Загинаа и 10 лица во вооружената група.

 

Елена Георгиевска