Полициски час од полноќ, продолжено работно време на угостителите
Епидемиолошката крива се подобрува, најава за нови, олабавени мерки од надлежните. Полициски час од полноќ, зголемување на групите во градинките, сепак се уште рано за дозвола за помасовните настани...

Полициски час од среда од полноќ со траење до пет часот изутрината. До 23:30 да биде продолжено работното време на угостителските објекти, но гости да се примаат само на летните тераси. Главниот кризен штаб ги прифати предлозите за олабавување на мерките од Комисијата за заразни болести. Во Владата ќе се одлучува и за отворање на фитнес клубовите и на теретаните, и за проширување на групите во градинките од 15 на 20 деца. Но, и за организирање на културни настани во затворено со исполнетост од 30 насто од капацитетот. Министерот Филипче вели, предлог мерките се донесени врз основа на анализите по подобрувањето на епидемиолошката состојба. Според Филипче, сѐ уште е рано да се дозволат свадбите и концертите, останува на сила и мерката за носење на заштитни маски на отворен простор.
„Станува збор за настани кои можат да се организираат како состаноци, како едукативни курсеви, сѐ уште не се дозволени концертите и не се дозволени свадбите, заради тоа што таму стравуваме дека може да се намали дистанцата помеѓу луѓето кои се присутни и затоа одиме постепено. Ако продолжи овој тренд дозволени ќе бидат и концертите“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Состојбата со коронавирусот во градинките е добра. Две третини од персоналот е вакциниран, вели надлежната министерка. Сепак, за една недела, 11 вработени и две деца биле заразени.
„Заради притисокот од родителите и заради потребата да се вратат децата во градинка и заради пред сѐ безбедната епидемиолошка состојба, ние упативме допис врз основа на кој Комисијата за заразни болести препорача на кризниот штаб бројот на деца кои што ќе бидат во градинка да се зголеми од 15 на 20 деца и тоа ќе оди утре како предлог пред Владата и верувам дека оваа одлука ќе биде донесена“, изјави министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
Преку сајтот „вакцинација.мк“ пријавени се околу 280 илјади граѓани, додека над 130 илјади веќе се имунизирани.
Проценките на здравствените власти се дека до крајот на летото може да се постигне колективен имунитет, имајќи ги предвид сите количини вакцини кои треба да пристигнат во земјава. Околу 160 илјади граѓани кои се пријавиле преку веб апликацијата чекаат термин за имунизација.
Андријана Атанасовска
