Евроинтеграции

Заев во Брисел: За јазикот и идентитетот нема да преговараме

10.05.2021 16:43

Македонскиот јазик и култура се обележје на нашиот народ, не може да бидат на масата за преговарање, ѝ порачал премиерот Заев на првата еврокомесарка Лајен во Брисел. Заев на серија средби со европскиот врв, пред јунскиот самит последни напори да се надмине бугарското вето и најавеното раздвојување од пакетот со Албанија...

Идентитетските прашања не смеат да бидат на масата, Европската комисија ќе се вклучи со уште посилен ангажман во барањето решение за почеток на преговорите- ова се поентите кои произлегоа од средбите на премиерот Заев со првите луѓе на Европската комисија. Премиерот на состанокот посочи дека македонскиот јазик и идентитет, наметнати како прашања од Бугарија, воопшто не смеат да бидат тема за натамошниот ангажман во Брисел, односно дека нашата држава единствено така ќе продолжи да разговара за нејзината европска иднина.

„Македонскиот идентитет освен што е прашање на гордост, тоа е и прашање на факти, наука, традиција и национално обележје на нашиот народ. Тој не е и нема да биде предмет на преговори. Европските вредности се водилка за нас, но заштита на идентитетот исто така е европска вредност“, изјави премиерот Заев.

Од претседателката на неформалната влада на ЕУ, Фон дер Лајен, тој побара поактивно вклучување на Европската комисија за деблокада на процесот за почеток на преговорите на ЕУ, бидејќи земјата ги спроведе сите реформи и се исполнети сите критериуми за отворање на процесот за членство.

 Фон дер Лајен од своја страна истакна дека ЕК цврсто стои на ставот - не смее да се одложи стартот на преговорите на нашата држава за членство во ЕУ, и дека таа се залага, двете земји, Северна Македонија и Албанија, заедно да ги продолжат преговорите без натамошно одлагање.

Еврокомесарот за проширување на ЕУ, Вархеји по средбата со премиерот порача- за време на актуелното португалско претседавање со ЕУ, да се прифати преговарачката рамка за Северна Македонија и да се одржи првата меѓувладина конференција, без раздвојување од Албанија.

 

Марина Стојанова- Тонева