Стисни Плеј ја одбележува 100-тата емисија!

22.03.2014 11:37

Стисни Плеј на програмата на МРТ се емитува трета сезона и на неделно ниво ги одбележува настаните од забавната музичка сцена...

Водителскиот тандем на музичката емисија Стисни Плеј на МРТ, Александра Јовановска и Марко Марк, по повод саботното 100-то издание на емисијата изработија фото сесија во духот на јубилејот.

Фотосесијата се работеше во новото 3Д виртуелно студио, коешто е една од последните инвестиции во МРТ и во иднина ќе овозможи неограничен број современи визуелни решенија за емисиите во продукција на МРТ.

Со ова водителите сакаа да ни покажат дека со нетрпение го очекуваат новото студио и можноста која им се нуди, во иднина комплетно да заблескаат на ТВ екраните!

Поминавме две ипол прекрасни години, ја работиме третата сезона. Регистриравме две ипол години од македонската музичка сцена, со секое издание се трудевме да бидеме подобри, да напредуваме и придонесеме во креирањето на квалитетна домашна музичка сцена. Кога ќе се навратам назад, секое издание ми е толку драго, секое од нив нуди една поинаква испишана приказна, којашто целиот тим ја изживеал со полно срце, вели Александра Јовановска, уредник на емисијата.

Стисни Плеј на програмата на МРТ се емитува трета сезона и на неделно ниво ги одбележува настаните од забавната музичка сцена.

Имаме огромна поддршка од нашите уредници, без  кои не би опстоиле, но и ние се трудиме да ја оправдаме довербата. Особено не радува одличната соработка со сите активни дејци од домашната музичка сцена, но и нашите редовни гледачи од кои добиваме безброј позитивни коментари по секое завршено издание. Тоа е нашиот мотив, овие 100 емисии, се надевам се само првите 100, од многуте што ќе следуваат во иднина, вели Марко Марк.

Од оваа сезона екипата на Стисни Плеј го воведе како новитет и музичкото шоу Хит на месецот, музичка топ листа, со актуелни домашни хитови.

Плановите се огромни, а нашиот ентузијазам и елан за работа неограничени. Компромис на сметка на содржините никогаш не правиме и тоа е нашата основна грижа, да им го понудиме на гледачите само најдоброто, вели Александра.

Честитки за јубилејот и нека се множат емисиите!