Борел: Немаме намера да ги одвоиме Северна Македонија и Албанија
Во однос на прашањето за ветото од Бугарија, тој го повтори добро познатиот одговор - двете држави треба да најдат заедничко прифатливо решение.

Не постои намера за одвојување на Албанија и Северна Македонија во ЕУ процесот, изјави попладнево шефот на европската дипломатија, Жозеф Борел.
Западниот Балкан за прв пат после две години денеска се најде на агендата на министрите за надворешни работи, соопшти Борел и додаде дека нема да дозволи да поминат повторно две години без да се дебатира за регионот – клучен за Европската Унија.
„Имаше согласност во Советот денес дека е потребно забрзување на процесот на реформи поврзани за ЕУ во регионот, сакаме исто така да се забрза процесот на приклучување кон и немаме намера да ги одвојуваме Северна Македонија и Албанија“, изјави шефот на европската дипломатија по состанокот со 27-те министри за надворешни работи на ЕУ.
Борел нагласи исто така дека Европската Унија е загрижена поради изјавите за одвојување на Скопје и Тирана и дека ставот во Советот не е променет по ова прашање. Во однос на прашањето за ветото од Бугарија, тој го повтори добро познатиот одговор - двете држави треба да најдат заедничко прифатливо решение.
Имавме разговор за ова денес, ја слушнавме Бугарија и ги охрабруваме двете страни итно да изнајдат заеднички прифатливо решение. Условите се исполнети, земјите членки се одлучија да ги отворат преговорите за Северна Македонија и се надеваме дека Меѓувладината конференција ќе се свика што е можно побрзо по усвојувањето на преговарачката рамка, министрите за надворешни работи на земјите членки се заложија да туркаат силно за свикување на првата Меѓувладина конференција и да ја усвојат рамката, изјави Борел.
